„ДОБРО УТРО ГОСПОДИНЕ ВЕЛИЈА РАМКОВСКИ“, СВЕДОЧИ ИНЖЕНЕР ВО УБК КОЈ СЛУЧАЈНО ВЛЕТАЛ ВО ПРИСЛУШУВАН РАЗГОВОР КОГА ПОПРАВАЛ СЕРВЕР

    „ДОБРО УТРО ГОСПОДИНЕ ВЕЛИЈА РАМКОВСКИ“, СВЕДОЧИ ИНЖЕНЕР ВО УБК КОЈ СЛУЧАЈНО ВЛЕТАЛ ВО ПРИСЛУШУВАН РАЗГОВОР КОГА ПОПРАВАЛ СЕРВЕРЕксминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков се обвинети за нелегалното прислушување во предметот „Тврдина-Таргет“. (Фото: К. Попов)

    Во предметот „Тврдина-Таргет“ на СЈО, обвинетиот ексдиректор на УБК Сашо Мијалков во вкрстени прашања денеска го праша сведокот инженер Сашо Трајковски како знаел дека телефонските броеви што се прислушувале биле именувани со псевдоними.

    „По пријава на дефект, го рестартирав софтверот на системот за прислушување и кликнав лог ’Лијаве‘, кога од таму соговорник, кој не беше таргет, кажа: ’Добро утро господине Велија Рамковски‘“, одговори Трајковски.

    Мијалков, сакајќи да го дискредитира сведокот и да докаже дека не ја зборува вистината, праша:

    „Да де, од 20.000 таргетирани броеви баш на Велија и на новинари налетавте“, коментираше Мијалков.

    „Имињата им беа со сменети слогови, затоа на некои се сеќавам, на некои не“, кажа Трајковски.

    Два месеца по објавувањето на бомбите од страна на лидерот на тогашниот опозициски СДСМ бил исклучен од употреба „најс“ системот во МВР. Во Основниот суд Скопје 1, во предметот за масовното нелегално прислушување продолжи сведочењето на Сашо Трајковски, тогашен началник во оперативната техника во УБК, кај што се вршело прислушувањето.

    И претходниот „веринт“ системот и „најс“ системот по наредба на началникот на Петтата управа Горан Грујевски кој е обвинет во „Тврдина-Таргет“ и е во бегство, тој ги подготвувал да се уништат.

    Подоцна се уништени и двата система со кои биле следени стотици граѓани без судски налог, првин со дробење и сечење на парчиња од по неколку сантиметри.

    Мијалков го праша сведокот кој бил во комисија за попис и правел извештаи за состојбата на системите за прислушување дали е можно началниците Горан Грујевски и Небојша Стајковиќ да го известувале погрешно, на што Трајковски му кажа: „Не знам што сте си збореле вие меѓу себе“.

    Покрај Мијалков и Грујевски, во овој предмет обвинети се и Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски, Никола Бошковски (во бегство) и шестмина сѐ уште актуелни вработени во УБК.

    Сведочењето трае.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира