Шимпанзото Коко в четврток ќе стигне во скопската Зоолошка градина. Излечен од депресија Коко од Холандија во Скопје се враќа после 10 години откако во април 2009 година замина за Амстердам за да се лекува.
Коко во Скопје ќе стигне со уште три шимпанза, две женки и едно машко, со кои изминативе години се дружеше во Зоолошката во Амстердам.
„За Коко и другарите подготвено е новото живеалиште, во кое има голема дневна соба, спални соби, карантински простории и надворешен дел со многу реквизити и лулашки. Новите жители ќе ги пречекаме со списанија оти зоо негувателите од Амстердам ни рекоа дека обожуваат да читаат, а омилено им е играњето во ќебиња“, велат од Зоолошката градина.
Шимпанзото Коко замина на ресоцијализација во Холандија бидејќи беше во депресија во април 2009 година. Тогашното раководство на Зоолошка најави дека Коко ќе се врати за една година, но сепак лекувањето на депресијата траеше десет години.
Коко е роден во скопската Зоолошка градина. Кусо време по неговото раѓање мајка му умрела од туберкулоза и оттогаш Коко беше во депресија. Во Холандија замина на 13 години и сега има 23 години.
А. АНТЕВСКА