Мермерна скулптура со претстава на богот Дионис открија минатата недела археолозите на локалитететот Стоби, за време на истражувањата во рамките на летната интернационална школа за теренска археологија.
Скулптурата која најверојатно била изработена во 2-3 век од н.е. е сочувана во височина од околу 50 сантиметри.
Златко Кованцалиев виш кустос за римски период при Националната установа Стоби бели дека скулптурата е откриена во секундарен контекст, односно во остатоците од срушен ѕид од куќа од 6. век, каде била употребена како градежен материјал.
„ Токму поради тоа недостасуваат главата, десната рака и постаментот со стопалата. Со оглед на тоа што во 6. век, христијанството е доминантната религија, чест е случајот на уништување и употреба на скулптурите на паганските божества од претходните векови како градежен материјал“, вели Кованцалиев.
Новооткриената скулптура го претставува богот на виното, плодноста, театарот и религиозната екстаза потпрен на стебло обвиено со винова лоза од која висат гроздови. Дионис е полугол, со наметка околу неговото лево рамо и долната половина од телото. До неговата лева нога е претставен пантер, кој е еден од неговите главни симболи, покрај виновата лоза, бршленот, тирсот (специфичен стап со врв од шишарка) икантаросот (пехарот) со вино.
„Инаку ова не е прва мермерна скулптура на Дионис во Стоби и во минатото се откриени една цела претстава, две глави и една рака. Сепак, ова е прва скулптура на Дионис од овој тип на локалитетот и нејзиното значење во поширок археолошки контекст ќе биде прецизно утврдено со понатамошните анализи“, вели тој.
Интернационалната школа за археологија во Стоби се одржува десетта година по ред и е резултат на соработката на Националната установа Стоби со фондацијата Балканско наследство од Бугарија. Оваа сезона,во школата учествуваат 17 студенти и волонтери од САД, Канада, Кина, Шведска, Ел Салвадори Австралија. Стручниот тим од археолози при НУ Стоби кој ги реализира истражувањата се: Златко Кованцалиев – раководител, Јован Радњански – инструктор и Гоце Павловски – инструктор.
П. ПЕЧКОВ