Факт е дека имавме страшно невреме во Преспанскиот Регион, сите надлежни владини и локални служби се на терен за да се санира состојбата, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при денешниот увид во Преспа.
„Сите служби се на располагање, расчистени се сите патишта. Владата ќе ги ангажира сите можни капацитети да се проценат штетите, и на земјоделски производи и на објекти, за да видиме колкава штета е направена. Стапивме во контакт со ЕВН за жителите да добијат електрична енергија и да имаат чиста вода за пиење. Треба време да се санираат сите состојби, важно е дека државата заедно со локалната самоуправа е целосно подготвена да помогне”, рече Спасовски.
Министерот за земјоделство Трајан Димковски рече дека ова што се случи во Преспа е елементарна непогода, бидејќи покрај штетите во овоштарниците, има и штети на куќи.
„Покрај плодот, има и оштетени дрвја и гранки. Екипите ќе излезат на терен и ќе направат проценка на штетите, не само на приносите кај јаболката, туку и врз самите дрвја. Тоа треба да стои во елаборатите кои ќе се достават до владина комисија и потоа ќе се види колкава е проценката”, рече Димковски.
Тој додаде дека секоја година се повторуваат временски непогоди во Преспа, па преку Програмата за рурален развој ќе се обидат да издвојат средства за да се влијае врз климата, односно со технологија да се врши алоцирање на облаците.
Селата во Долна Преспа вчера беа зафатени од големо невреме кое оштети земјоделски површини, куќи и камп приколки, откорна дрвја и повеќе села остави без струја и вода.
Ж. ЗДРАВКОВСКА