Откако минатата година Тетово не влезе во пилот програмата за персонални асистенти, и годинава лицата со посебни потреби од градот нема да можат да ја користат оваа услуга предвидена со новите законски решенија на Министерството за труд и социјална политика. Оваа година Тетово, заедно со Велес, беа вклучени во програмата за персонални асистенти. Здружението „Хендимак“ од Тетово доби лиценца за провајдер за овие услуги, откако Агенцијата за вработување распиша конкурс за пријавување лица кои сакаат да се оспособат за персонални асистенти, но недоразбирањата што се појавија меѓу овие два субјекта најверојатно ќе бидат причина и оваа година во градов да ги нема потребните персонални асистенти.
Адем Идризи од „Хендимак“ вели дека потешкотиите почнале откако беше објавен огласот за пријавување за обука на лицата кои сакаат да се оспособат за персонални асистенти. Огласот во Агенцијата за вработување во Тетово беше објавен на 6 мај годинава, а набрзо потоа, пред да му истече рокот, беше затворен со образложение од Агенцијата дека во Тетово нема лиценциран провајдер за обука.
„Веднаш комунициравме со Министерството, каде објаснивме дека иако Тетово нема провајдер за обука на лицата од Тетово треба да им се овозможи се обучат, бидејќи оваа година и Тетово е влезено во програмата да има персонални асистенти и има лиценциран провајдер за администратирање со персоналните асистенти, а тоа е нашето Здружение. На ова добивме одговор дека од 13 мај сите заинтересирани можат повторно да се пријавуваат и во Агенцијата за вработување во Тетово со напомена дека обуките ќе ги следат во Гостивар или во Скопје каде има лиценцирани провајдери за обука. Ние агитиравме меѓу младите и ги анимиравме да се пријават на конкурсот при што, според нашите информации, до последниот ден од конкурсот од Тетово биле пријавени 14 кандидати. За жал, овие заинтересирани кандидати не беа поканети да потпишат договор со Агенцијата за вработување и да ги следат обуките пак со образложение дека во Тетово нема провајдер за обука, а во Скопје и Гостивар бројот бил пополнет. Според сознанијата што ги имам, само две лица од Тетово биле примени на обуката и тоа едно во Гостивар, а второто во Скопје, додека другите едноставно извисија“, вели Идризи.
Од Агенцијата за вработување на Македонија преку писмено соопштение посочуваат дека никому не му било ускратено правото да конкурира и да се оспособи за персонален асистент.
„Обуката на персоналните асистенти трае од мај до август оваа година и таа се одржува кај овластени провајдери кои имаат лиценца за вршење на ваков вид обука. Меѓу другите места, обуките се одржуваат и во Скопје и во Црвениот крст во Гостивар. Откако овие лица ќе ја завршат обуката и ќе го положат испитот, од септември ќе можат да се ангажираат преку провајдерите за давање услуги за персонални асистенти. На обуките во Скопје и во Гостивар има пријавено лица од Тетово кои потпишале договор за обука и ја посетуваат. Направивме место за уште две лица од Тетов да ја посетуваат обуката во Скопје но тие одбија да доаѓаат. Значи провајдерот од Тетово треба да причека до август кога ќе заврши обуката на лицата за персонални асистенти, да се поврзе со провајдерите кои ја вршеле обуката да го добие од нив списокот на оспособени персонални асистенти и да ги ангажира за потребита на лицата со посебни потреби од Тетово“, стои во одговорот од Агенцијата за вработување.
Идризи вели дека истиот одговор од Агенцијата за вработување веќе неколку пати го слуша и прашува зошто не се примени повеќе лица од Тетово за обуките во Гостивар и Скопје. Според програмата за Тетово требало да има 20 персонални асистенти за да може целата провајдерска служба ефикасно и ефективно да работи.
„По сето ова, јас барав лично да се сретнам и со министерката Мила Царовска за да можам подетално да ѝ го образложам проблемот, но наоѓав на голем отпор, не можев да остварам контакт со министерката, а добив и закана од шефот на нејзиниот кабинет, од каде отворено ми кажаа дека ќе бидам ‘блокиран’ ако продолжам да се бунам. Ние навистина не можеме да се нафатиме на една така голема обврска да бидеме провајдери за еден или двајца персонални асистенти, а не верувам дека ќе може да ги ангажираме персоналните асистенти од Скопје и Гостивар да работат и во Тетово, како што предлага Агенцијата за вработување, бидејќи тие ќе бидат целосно ангажирани во нивните градови. Поради ова, најверојатно ќе ја вратиме согласноста за провајдери за персонални асистенти. Поднесовме преставка до Народниот правобранител, сакаме да поднесеме преставка и до Комисијата за дискриминација, а најверојатно ќе се обратиме и до Светска банка, која е донатор на проектот. Ние мора да ја кажеме вистината, бидејќи се работи за лица со посебни потреби на кои им е ускратена една сервисна услуга за која има голема потреба“, вели Идризи.
З. АНДОНОВ