БЕЛЧИШКОТО БЛАТО КАЈ ДЕБРЦА ИДНО ЕВРОПСКО ЗАШТИТЕНО ПОДРАЧЈЕ

    БЕЛЧИШКОТО БЛАТО КАЈ ДЕБРЦА ИДНО ЕВРОПСКО ЗАШТИТЕНО ПОДРАЧЈЕБелчишкото блато е реликт од некогашното Десаретско Езеро, со кое Дебарца била поплавена во плиоценот или пред 5,3–1,8 милиони години. (Фото: СДК.МК)

    Белчишкото блато како редок природен феномен ќе ја промовира Дебрца кај Охрид како нова туристичка дестинација и идно заштитено европско подрачје.

    „Пред два дена се одржа обука за зачувување и одржлив развој на Белчишко Блато (Сини Вирој). Обуката е во рамките на проектот Подобрување на управувањето и одржливо користење на Белчишко Блато (Сини Вирој), кој го спроведува здружението ‘Екотуризам 2016’ и канцеларијата на УНДП Скопје, а финансиран од ЕУ со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање. На обуката присуствуваа претставници од Општина Дебрца и засегнати чинители од областа на блатото. Проектниот раководител Ѓоко Зороски и градоначалникот на Општина Дебрца Зоран Ногачески истакнаа дека општината го трасира патот за прогласување на блатото за заштитено подрачје“, соопштија организаторите на обуката.

    За тоа како се селектираат потенцијални Натура 2000 подрачја и предизвици и бенефити од европската мрежа Натура 2000 во контекст на земјоделството, шумарството, сточарството и туризмот, говореше експертот Богољуб Стеријовски. За земјоделските практики за одржливо управување со земјиштето и користење на природните ресурси во областа на блатото, стручно предавање одржа проф. д-р Сузана Јордановска.

    Обуката е дел од проектните активности кои меѓу другото опфаќаат изградба на туристичка инфраструктура на блатото, мониторинг на заштитени видови од флората и фауната од блатото, изработка на студии, документарен филм, веб страница и кампања за придобивките од Белчишкото Блато од туристички и истражувачки активности.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира