Најголемиот мексикански наркобос Хоакин Ел Чапо Гузман доби доживотна казна затвор од федералниот суд во Њујорк.
Шеесет и двегодишниот Гузман во февруари беше прогласен за виновен по десет обвиненија, вклучувајќи трговија со дрога и перење пари. Тој беше екстрадиран во САД во 2017, откако повторно беше уапсен по спектакуларното бегство од затвор во Мексико две години порано.
Гузман е опишан како лидер на картелот Синалоа, за кој беше кажано дека бил најголем снабдувач на САД со дрога.
Зборувајќи пред изрекувањето на казната, Гузман кажа дека неговото затворање во САД се претворило во 24-часовна психолошка, емоционална и физичка тортура и дека бил подложен на нефер судење. Освен доживотната казна, на Гузман ќе му бидат конфискувани 12,6 милијарди долари.
Како озлогласен лидер на картел во северно Мексико, Гузман во 2009 година влезе на листата на најбогати луѓе на светот, што ја прави магазинот „Форбс“, откако неговото богатство беше проценето на една милијарда долари. Тој беше обвинет дека организирал транспорт на стотици тони кокаин и други дроги во САД, а исто така наредувал убиства, киднапирања и мачења на противници.