„МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ОД ПЕТОК ИГРА ВО КИНАТА ВО САД, ВО СКОПЈЕ НА КРАЈ НА АВГУСТ

    „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ОД ПЕТОК ИГРА ВО КИНАТА ВО САД, ВО СКОПЈЕ НА КРАЈ НА АВГУСТ„Медена земја“ во Скопје ќе се прикаже на крајот на август на МакеДокс, најголемиот фестивал за документарци кај нас, по што ќе игра на редовниот репертоар во кината низ земјава.

    Македонскиот документарен филм „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов  од 26 јули ќе игра во киносалите во САД. Застапуван од американската компанија за производство и дистрибуција на филмови „Неон“, која ги откупи правата за прикажување во Северна Америка, македонскиот победник на фестивалот Санденс ќе има кинодистрибуција во селектирани киносали, вклучувајќи ги „Ламли ројал“ во Лос Анџелес и „Куад синема“во Њујорк. Во Скопје ќе се прикаже на крајот на август на МакеДокс најголемиот фестивал за документарци кај нас, по што ќе игра на  редовниот репертоар во кината низ земјава.

    Пред проекциите во Лос Анџелес и во Њујорк, режисерите ќе имаат средби со со публиката и претставници на медиумите. Во меѓувреме, филмот беше прикажан во Детроит, како и на Универзитетот на Јужна Калифорнија во Лос Анџелес. На 16 август ќе игра во Форт Колинс,  Колорадо.

    Продуцентите велат дека дистрибутерот на филмот во САД „Неон“, иако е млада компанија, изминативе неколку години застапува познати и наградувани нови наслови како: „Граница“, „Јас, Тонја“, „Дива роза“, како и документарецот  „Аполо 11“.

    „Медена земја“ на 31 јули ќе игра во Канбера, на 2 и 18 август во Мелбурн, во текот на август ќе се прикаже и на Сараевскиот филмски фестивал.

    „Медена земја“, кој по триумфот на филмскиот фестивал Санденс, беше прикажан и награден на повеќе од 20 филмски фестивали, го очекуваат кинодистрибуции во Канада, Англија, Германија, Австрија, Полска, Белгија, скандинавските земји, Шпанија, Турција, Кина, Јужна Кореа, па сѐ до Австралија.

    „Медена земја“ во мај победи нафестивалот ДокАвив во Тел Авив, Израел, и се квалификуваше во трка за Оскар. Според правилата на американската Академија за филмска уметност и наука, „Медена земја“ го исполнува едниот од двата услова за директна кандидатура, а тоа е да победи на еден од фестивалите кои се на квалификационата листа на Академијата. Докавив е еден од тие фестивали.

    Деновиве филмот доби и специјална награда од жирито на фестивалот за документарци Ајсдокс во Исланд.

    Меѓу одличните рецензи кои ги добива филмот, последна е на онлајн изданието на „Њујоркер“, во која стои дека:  „’Медена земја’ потсетува на тешката, исконска вистина за родителите, децата, алчноста, почитта и за потребата од внимателно искористување на ресурсите“. Критичарот препорачува филмот да се гледа во друштво на нервозни млади двојки или идни родители, и да се проследат нивните реакции, откако ќе видат во какви услови живеат децата од документарецот. Текстот ќе биде објавен и во печатеното издание на „Њујоркер“ на 29 јули, под наслов „Скротување на природата“.

    На официјалната страница на филмот, сѐ уште е актуелна кампањата за донација за протагонистите во филмот Атиџе и номадското сточарско семејство на Хусеин и Љутвие со 8 деца. Телефонскиот број за донации преку Телеком е 143-777, а од ВИП 143-502. Исто така, на официјалната веб-страница на филмот https://honeyland.earth/ е поставен линк, каде со нарачка на мед се донира за нив. Со парите ќе се помогне да се изгради куќа за Атиџе и да се обезбеди школување за децата.

    Медена земја“  и „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска се во конкуренција за наградата Лукс која ја доделува Европскиот парламент. Наградата ќе биде доделена на 27 ноември.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира