Шпанската актерка Роси де Палма, муза на славниот шпански режисер Педро Алмодовар, и францускиот актер и поранешен фудбалер на Манчестер јунајтед Ерик Кантона ќе снимаат филм во Скопје и во Битола. Двете ѕвезди се дел од актерската екипа на филмот „Сирена во Париз“, француско-белгиско-македонска копродукција, а македонски продуцент е „Сестри и брат Митевски“.
Продуцентката Лабина Митевска денес објави дека филмот е веќе откупен од „Сони“, автор на проектот е Матијас Малзју, кому ова му е прв игран филм. На 30 август почнува снимањето, ќе снимаат шест недели во Македонија, есктериери во Битола и околината и студиски снимања во Скопје во студијата на „Фх3х“.
„Во Париз, обилните врнежи доведоа до историски поплави на Сена заедно со мистериозни исчезнувања. Една ноќ Гаспар Снег, меланхоличен музичар, е привлечен од волшебен глас на ранета, но убава млада сирена. Решен да ја спаси, Гаспар не знае дека ќе започне со големи авантури, кои преку моќта на љубовта и музиката, може да го поправат неговото скршено срце“, е дел од содржината на филмот.
Митевска и директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија денес на прес-конференција соопштија дека американскиот гигант во телевизиска продукција „Нетфликс“ во октомври во Македонија ќе го снима првиот дел од мини ТВ-серијата „Во вечерта“. Тие рекоа дека сѐ уште не смеат да објават кои актери ќе дојдат. Митевска ќе биде извршен продуцент на серијата.
„За нашата мала компанија е огромна чест да ги изработиме овие два проекта. Се разбира дека и одговорноста е голема, бидејќи не се претставуваш само себеси, туку си во функција исто на целосното претставување на македонската кинематографија и што Македонија може да понуди како земја“, рече Митевска.
Директорот Тозија кажа дека во текот на летово во Македонија, покрај најавените проекти на Митевска, ќе се снимаат уште четири филмови: „Стела“ на Стојан Вујичиќ, „Сестри“ на Дина Дума, „М“ на Вардан Тозија, „Снежана умира на крајот“ на Кристијан Ристевски и македонско-турската копродукција „Најтешкото нешто“.
Б. НЕСТОРОСКА