РЕТКИ СЕ ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ КОИ СЕ БОРАТ СО КОНЗЕРВАТИВИЗМОТ – ЈАНИС БУТАРИС ОД СОЛУН ПОЧНУВА СОРАБОТКА СО СКОПСКИОТ МСУ

    РЕТКИ СЕ ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ КОИ СЕ БОРАТ СО КОНЗЕРВАТИВИЗМОТ – ЈАНИС БУТАРИС ОД СОЛУН ПОЧНУВА СОРАБОТКА СО СКОПСКИОТ МСУСолунскиот градоначалник Јанис Бутарис, кој има корени од Крушево, заедно со грчката делегација и директорката на МСУ Мира Гаќина вчера ја разгледа изложбата на македонскиот уметник Глигор Стефанов „Грабење во просторот“ (Фото: МСУ)

    Градоначалникот на Солун Јанис Бутарис вчера го посети Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје, за време на својата официјална посета за одбележувањето на 56-годишнината од земјотресот и средбите со македонскиот политички врв. Бутарис, кој важи за голем пријател на македонските политичари,  заедно со грчката делегација и директорката на МСУ Мира Гаќина ја разгледа изложбата на македонскиот уметник Глигор Стефанов „Грабење во просторот“.

    Бутарис го тера вториот градоначалнички мандат. Прв пат беше избран за градоначалник на Солун во ноември 2010, а реизбран е во 2014. Во 2013 тој прв пат дојде во официјална посета на Македонија, при што откри дека има влашки корени, од Крушево.

    Бутарис со директорката Гаќина на вчерашната посета на МСУ (Фото: МСУ)

    Директорката Гаќина вели дека Бутарис својата особена симпатија за МСУ ја покажал и на отворањето на изложбата на скопскиот музеј со дела на 14 уметници од Југоисточна Европа „Сѐ што ни е заедничко“ во Музејот на модерна уметност во Солун (МоМУС), пред десетина дена.

    „Тој на отворањето им се обрати на бројните заинтересирани посетители нагласувајќи дека историјата и профилот на МСУ му се познати од поодамна и дека и други институции во Солун го имале МСУ како инспирација при создавањето. Неговата силна поддршка за грчко-македонска соработка секако делува охрабрувачки и за нас и за партнерите од Грција, бидејќи најавените амбиции не се мали. Конкретни нови проекти кои се веќе препознаени и започнати се изложба на МСУ Солун во МСУ Скопје овој септември, како и првата заедничка летна школа и кураторските и уметничките резиденции.

    Бутарис ја отвори изложбата во Музејот на современа уметност МоМУС во Солун „Сè што ни е заедничко“ организирана од Музејот на современата уметност (МСУ) од Скопје (Фото: МСУ)

    Бутарис се залага соработката да се прошири и со партнери од Атина и да се збогати со директно учество на уметниците и кураторите на двете земји. Ретки се градоначалници кои со храброст влегуваат во пресметка со конзервативизмот и кои знаат дека зад успешен град стои жива уметничка сцена“, вели Гаќина за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Бутарис е роден во Солун, син на винарот Стелиос Бутарис и Фани Влахос, Влаинка од семејството Ничота од Крушево. Дипломирал хемија на Универзитетот Аристотел во Солун, а магистрирал енологија на Институтот за вино во Атина. Речиси 30 години работел во семејната винарија „Бутари“, а во 1998 ја формира сопственавената винарија „Кир-Јани“.

    Во Солун се изложени дела на 14 уметници од Југоисточна Европа, а кураторки се Мира Гаќина и Јованка Попова од МСУ. Директорката Гаќина вели дека изложбата имала голем интерес од печатените медиуми (Фото: МСУ)

    ЈАНИС БУТАРИС СЕ ГОРДЕЕ СО ПРЕДЦИТЕ ВЛАСИ ОД КРУШЕВО

    БУТАРИС ИМ ГИ ПОКАЖА ТЕТОВАЖИТЕ НА СОРАБОТНИЧКИТЕ НА ШИЛЕГОВ

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира