ВЛАСТА И ОПОЗИЦИЈАТА ГИ ПРИБЛИЖИЈА СТАВОВИТЕ ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО И ПОГОЛЕМА ОДГОВОРНОСТ НА ОБВИНИТЕЛИТЕ

    ВЛАСТА И ОПОЗИЦИЈАТА ГИ ПРИБЛИЖИЈА СТАВОВИТЕ ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО И ПОГОЛЕМА ОДГОВОРНОСТ НА ОБВИНИТЕЛИТЕЗаменик министерот за правда Оливер Ристовски по денешната средба за Законот за Јавно обвинителство во Владата. (Фото: принтскрин/Влада на РСМ)

    Работните групи на власта и опозицијата ги приближиле ставовите околу финансирањето на обвинителството, како и за одговорноста на обвинителите, на денешната средба во Владата за новиот Закон за Јавно обвинителство, со кој треба да се реши и статусот на СЈО.

    Заменик министерот за правда Оливер Ристовски очекува за овој дел од законот да се изнајде заедничко решение.

    „Тука имаме приближување на ставовите, во делот на зголемувањето на Буџетот што би го имало Обвинителството во Република Северна Македонија. Значи да го зголемиме Буџетот на Обвинителството, како би добиле поголема самостојност како орган. Разговаравме и за изнаоѓање модуси за поголема одговорност на вработените и на самите обвинители. Во овој момент имаме приближување на ставовите, мислам дека тука можеме да изнајдеме заедничко решение во Законот“, рече Ристовски.

    Состаноците и разговорите за Законот за Јавното обвинителство, кој е во собраниска процедура, ќе продолжат и во текот на оваа недела, а измените кои ќе се договорат, ќе одат амандмански во Собранието.

    Претставникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски кажа дека средбата била конструктивна и дека се договориле околу финансирањето на обвинителството и за поголема одговорност на обвинителите.

    Според предложениот закон, СЈО се припојува кон постоечкото Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и на тој начин се основа ново Јавно обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција. Како што е наведено во предлог-законот, со новото обвинителство ќе раководи јавниот обвинител на Обвинителството за организиран криминал и корупција до завршување на мандатот, во случајов Вилма Рускоска, а во новото обвинителство се префрлаат обвинителите, истражителите, архивата, материјалните средства и опремата на СЈО. ВМРО-ДПМНЕ не се согласува Рускоска да биде шеф на новото обвинителство.

    Седницата на која треба да се расправа за Законот за Јавно обвинителство е закажана за 27 август.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира