Бизнисменот Сеад Кочан, правосилно осуден на затворска казна од 4 години и 8 месеци, веднаш треба да се јави на издржување на затворската казна во „Идризово“, му укажа денеска Основниот суд Скопје 1 и преку соопштение.
Кривичниот совет по жалба на Кочан на решение на судија за извршување санкции, одлучил да му ја одбие.
„По разгледување и ценење на жалбата, советот донесе решение со кое жалбата ја одби како неоснована и го потврди решението на судијата за извршување санкции според кое осуденото лице е должно веднаш да се јави на издржување на затворската казна. Одлуката на советот е писмено изработена и експедирана до странките“, соопшти судот.
Кочан во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ со лажна документација конкурирал на тендер за ископ на јаловина во вредност од 17 милиони евра и победил. Имотот на неговата фирма „Трансмет“ е конфискуван.
С. К. ДЕЛЕВСКА