СПЕЦИЈАЛНО ОД МИНХЕН ЗА САКАМДАКАЖАМ.МК: ДАНИЕЛА СТОЈАНОВИЌ КАРГОВ
Германските медиуми ги споредуваат петочниот масакр во Минхен кога загинаа 10 луѓе и масакрот во Штутгарт од 2009 година со 14 жртви. И во двата случаи се работи за многу млади повлечени луѓе кои без никаква најава и навидум без причина ладнокрвно убиваат главно свои врсници.
На 11 март 2009 година, 17 годишниот Тим Кречмер во средното училиште во Винендер во околината на Штутгарт уби 16 луѓе од кои 13 свои врсници, ученици, две наставнички и еден градинар. Тој масовното убиство го почнал прво во една училница во бившото училиштето во кое матурирал и пукал со пиштолот на татко му, потоа влегол во друга училница, па во хемиската лабораторија каде што продолжил со пукањето, па при бекството убил градинар што му се нашол на патот, киднапирал возач со кола и на крај пред очите на полицијата се самоубил пред да биде уапсен.
Медиумите прават паралела со петочниот напад на Али Давид Сонболи. Тој е на 18 годишна возраст. Цел му биле негови врсници. Со лажен профил, претставувајќи се како млада згодна Турчинка ги канел виртуелните фејсбук пријатели да дојдат на гратис сендвичи и пијачки во ресторанот за брза храна. Масовното убиство почнало со пукањето во и пред ресторанот каде што се собираат помлади луѓе. И тој како и Тим од Штутгарт се самоубил при бекството од полицијата.
И Тим од Штутгарт и Давид од Минхен претходно немале никакво криминално досие. За Тим, по масакарот во училиштето тие што го познавале изјавувале дека бил „осамен и фрустриран, се чувствувал отфрлен од средината“. Неговиот тренер по тенис рекол дека „не можел да претрпи пораз и го фрлал рекетот, а мајка му ептен му одела по ќеф и му ги исполнувала сите желби“.
За Давид, напаѓачот од петокот, полицијата изјави дека бил „депресивен самотник“ и дека посетувал психијатриски третмани. Нападот го направил на петгодишнината од масакарот на Андерс Брејвик во Норвешка, кога беа убиени 77 тинејџери. Во собата на Давид полицијата нашла литература поврзана со Брејвик и литература поврзана со масовното убиство на тинејџерите во Штутгарт во 2009 година. Полицијата денеска соопшти дека тој патувал до Штутгард и го фотографирал училиштето.