Хрватскиот национален превозник Кроација ерлајнс денеска слави 30 години и за патниците на домашните и странските аеродроми има подготвено посебни изненадувања и награди, соопштија од компанијата.
На денешен ден, 7 август 1989 година е регистрирана фирмата Загреб ерлајнс (Загал) која после година дена го смени името во денешната Кроација ерлајнс. Првиот лет беше на 5 мај 1991 година на линијата Загреб – Сплит на еден месец пред прогласувањето независност и осоамостојувањето на Хрватска од поранешната СФРЈ, а поврзувањето на новата држава со светот почна на 5 април 1992 со првиот меѓународен лет Загреб – Франкфурт, уште додека траеше војната со Србија.
Кроација ерлајнс е меѓу првите авионски компании што воспоставија врска со Македонија, како независна и самостојна држава по распадот на Југославија. Редовната линија Загреб – Скопје функционира од 1994 година. Во моментов Кроација лета за Скопје 12 пати неделно.
Во флотата на Кроација има 12 авиони: 4 ербас А319, 2 ербас А320 и шест турбопроп авиони од типот даш 8-Кју 400 со кои лета на 8 домашни и 30 меѓународни аеродроми во 24 земји.