КАМЧЕВ СЕ ОБИДЕ ПРЕКУ ЧИФЛИГАНЕЦ ДА ВЛИЈАЕ НА ИСТРАГАТА И НАМЕРНО МЕ СПОМЕНУВА ВО РАЗГОВОР ШТО САМ ГО СНИМА, ВЕЛИ ОБВИНИТЕЛКАТА ЛИЛЕ СТЕФАНОВА

    КАМЧЕВ СЕ ОБИДЕ ПРЕКУ ЧИФЛИГАНЕЦ ДА ВЛИЈАЕ НА ИСТРАГАТА И НАМЕРНО МЕ СПОМЕНУВА ВО РАЗГОВОР ШТО САМ ГО СНИМА, ВЕЛИ ОБВИНИТЕЛКАТА ЛИЛЕ СТЕФАНОВАОбвинителката Лиле Стефанова вели дека ниту барала, ниту некој нудел дуќан, а Јордан Камчев ваквата изјава ја дал со цел да ја дискредитира, бидејќи е свесен дека самиот го снима разговорот со Боки 13 и знае дека еден ден таа снимка ќе ја пушти и ќе се слуша. - Лиле Стефанова/Орце Камчев (Фото: К. Попов)

    Обвинителката Лиле Стефанова, која во најновиот објавен снимен разговор што го пушти италијанскиот весник „Ла верита“ осомничениот во „Империја“ Орце Камчев се обидува да ја компромитира со тоа дека наводно преку бизнисменот Ванчо Чифлиганец барала дуќан за стоматолошка ординација, вели дека е лага од осомничен кој е свесен дека тој самиот се снима. Обратно е, вели таа, Камчев се обиде да влијае, но без успех.

    За САКАМДАКАЖАМ.МК таа објаснува како токму Орце Камчев влијаел преку нејзиниот пријател Чифлиганец да се стопира истрагата и како за тоа веднаш ги известила: Катица Јанева, колегиумот на Специјалното јавно обвинителство, осомничените и сите нивните адвокати.

    „Во август 2018 година, осомничените Јордан Камчев и Цветан Панделески се обидоа да извршат влијание врз текот на истрагата за ’Империја‘, користејќи го моето пријателство со господинот Ванчо Чифлиганец. За оваа ситуација јас на колегиум ја известив Катица Јанева и присутните обвинители, а веднаш и мојот тим истражители. Господинот Чифлиганец сам дојде во просториите на СЈО. На таа средба само праша за што се води истрага околу неговите пријатели Јордан Камчев и Цветан Панделески. Јас му одговорив дека за истрага не можам да зборувам. Тука се затвори темата засекогаш“, раскажува обвинителката Стефанова.

    За изјавата на Камчев во снимката од телефонскиот разговор пуштен утринава, во кој се слуша дека наводно на Бојан Јовановски му кажува оти Стефанова барала дуќан за ординација преку Чифлиганец, Стефанова вели:

    „Ниту сум барала, ниту некој нудел дуќан. Јордан Камчев ваквата изјава ја дава со цел да ме дискредитира, бидејќи е свесен дека самиот го снима разговорот со Бојан Јовановски и знае дека еден ден таа снимка ќе ја пушти и ќе се слуша“.

    Стефанова вели дека за обидот на Камчев и на Панделески да влијаат врз неа за големата истрага што се води против него, освен на Јанева, на колегите обвинители, на тимот истражители, на бизнисменот Чифлиганец, им кажала и на сите нивни адвокати, а вели, ги имаат поприлично.

    „Тоа го знаат и адвокатите. За овој обид за влијание, адвокатите ги караа осомничените пред мене“, вели обвинителката Лиле Стефанова.

    На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК што се случува со истрагата за „Империја“, до каде е и дали Стефанова може да гарантира дека доказите се на број, со оглед на тоа дека се случи поплава во СЈО и само овие докази беа натопени, таа вели:

    „’Империја‘ е поставена на многу цврсти основи и неа ќе ја заврши кој било обвинител да ја преземе. Далеку е од завршена, зашто четири месеци ништо не се работи поради партиски преговори за нов закон. Но меѓународните процедури за обезбедување на одредени докази, за кои треба време, си течат. Што се однесува за поплавата, што е посебна приказна, можам да кажам дека борбеноста на моите истражители ги спаси сите докази“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира