СО ПРИСЛУШУВАНИ РАЗГОВОРИ НА СОПРУГАТА АНА, ОЛИВЕРА ТРАЈКОВСКА И ВЛАТКО МИЈАЛКОВ И СО ПОМОШ НА КИПАРСКИ БАНКИ СЈО ЈА РАЗОТКРИ „ИМПЕРИЈА“ НА ОРЦЕ КАМЧЕВ

    СО ПРИСЛУШУВАНИ РАЗГОВОРИ НА СОПРУГАТА АНА, ОЛИВЕРА ТРАЈКОВСКА И ВЛАТКО МИЈАЛКОВ И СО ПОМОШ НА КИПАРСКИ БАНКИ СЈО ЈА РАЗОТКРИ „ИМПЕРИЈА“ НА ОРЦЕ КАМЧЕВОсновни индиции за СЈО да го преземе предметот од редовното Обвинителство и да отвори предистрага биле разговорите на Влатко Мијалков, брат на ексдиректорт на УБК Сашо Мијалков, сопругата на Орце Камчев Ана Камчева, новинарката Оливера Трајковска и ексминистерот за транспорт Миле Јанакиески, кои биле таргети за прислушување, а кои му беа предадени на ова Обвинителство; - Орце Камчев со сопругата Ана на прослава на 20 години „Дајнерс“ во септември 2014 година во тогаш штотуку отворениот МНТ (Фото: О. Теофиловски за Вест)

    Истрагата за „Империја“ против Орце Камчев, Сашо Мијалков, Цветан Панделески, Ненад Јосифовиќ и уште десет лица засега е веќе поткрепена со материјални докази, документи за офшор компаниите кои биле основачи на бројни фирми во Македонија преку кои се переле милионски суми пари, како и со изјави на сведоци, тврдат од Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Предистражни дејствија има за нови фирми кај што се јавуваат како крајни сопственици осомничените лица. Дел од нив се формирани по објавувањето на бомбите од тогашната опозиција.

    Без оглед каков статус Собранието ќе изгласа за СЈО, предметот „Империја“ во 90 отсто ги прибави доказите, велат во ова обвинителство.

    Основни индиции за СЈО да го преземе предметот од редовното Обвинителство и да отвори предистрага биле разговорите на Влатко Мијалков, брат на ексдиректорт на УБК Сашо Мијалков, сопругата на Орце Камчев Ана Камчева, новинарката Оливера Трајковска и ексминистерот за транспорт Миле Јанакиески, кои биле таргети за прислушување, а кои му беа предадени на ова Обвинителство.
    СЈО на 9 ноември 2018 отвори истрага под кодно име „Империја“ против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска-Камчева, Христина Камчева-Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело. Во куќен притвор се Мијалков, Камчев, Панделески и Јосифовиќ.

    Паралелно со делот за перење пари, СЈО води истрага и за злоупотреба на службената положба и овластувањата за „Финзи“, кај што се јавува ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков. – Орце Камчев и Сашо Мијалков со сопругите на 15. роденден на „Систина“ во јуни 2016 година (Фото: Телеграф)

    Истрагата на СЈО тргнала од сомнежите за криминал за плацот зад Рамстор. Таму наводно граделе холандски фирми. Како што се откривало клопчето, прислушуваните разгоовори ги довеле обвинителите на СЈО до почетоците на „Орка холдинг“. Така биле преземени истраги за пропаѓањето на „Орка-спорт“, „Орка-текстил“ и други во сопственост на сега покојниот Илија Камчев, таткото на Јордан Камчев. Овие фирми во 2002 биле однесени во стечај, а целиот имот пренесен на „Орка Холдинг“.
    Кога во 2002 им влегува инспекција на УЈП, било алармирано: „Немој да ги затворате фирмите, имаат имот, многу ѝ должат на УЈП!“

    Овие наводно пропаднати фирми на Камчев на УЈП должеле 5.9 милиони евра неплатен данок. УЈП пишува дописи до Владата, но Камчеви успеваат да се прифати План за реорганизација со тоа што 75 отсто од побарувањата ќе бидат намирени, но во стока, не во пари. На УЈП ѝ припаднале два милиона евра конци, стари патенти, копчиња и стари костими за капење и стара спортска опрема, а три милиони евра се вратиле кај неговите фирми, кои преку своја офшор компанија од Лугано, ги основал во Македонија, Хрватска, Србија и САД. Се вратиле во фирмите на Камчев, зашто со изигрување на законот се јавиле како доверители. Камчев фактички сам си должел и си го вратил наводниот долг, со што спасил три милиони евра.
    Предметот во ОЈО за организиран криминал завршил со изјава за откажување од кривично гонење против Јордан Камчев поради немање докази, што не е засекогаш затворена истрага. Тој се извадил дека не ги носел одлуките сам, туку собранието на АД „Орка Холдинг“.

    Во тоа време само осомничениот Ненад Јосифовиќ е во игра, а сѐ уште ги нема Орце Камчев, Сашо Мијалков и останатите. Јосифовиќ од записничар набргу станува управител на фирмите на Камчеви.

    Делот од 2009 наваму е поновиот дел во истрагата. Таа се сконцентрира на сомнежот за перење пари преку 15 офшор компании. Таа е посложена од првиот дел, велат од СЈО. Таа истрага вклучува и посебни истражни мерки кои траеле неодамна, од крајот на јуни до октомври 2018.
    Илија и Орце Камчев до 2009 година веќе имале отворено околу 15 офшор компании, од Белизе, Британски Девствени Острови, преку Лихтенштајн, Лугано и Кипар до Сејшелите. Тие како странски компании основале фирми главно во Скопје. На 8.04. 2010 година не со офшор компанија, туку со „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ“, фирма отворена во САД, чиј сопственик е Орце Камчев, основана е „Аџибадем Систина Скопје“. На 15.12. истата година, и фирмата С&А Груп оф хоспиталс корп од Панама, која исто така е на Камчев, влегува како основач во „Аџибадем Систина Скопје“.

    Офшор компанија од Панама добива право да работи на истите права на „Систина“. Офшор компанија на Камчев од Кипар го продава имотот на друга негова офшор компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па ѝ го продава на „Систина“. Со тоа Камчев внесува и удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар.

    Разговори на новинарката Оливера Трајковска, обезбедени со посебни истражни мерки за нејзиниот пријател Камчев , се меѓу основните индиции за СЈО да го преземе предметот од редовното обвинителство. – Орце Камчев и Оливера Трајковска на прослава на 15. годишнина на „Систина“ во јуни 2016 година (Фото: Телеграф)

    На крајот на 2009, пристигнуваат првите пари од „Финзи ЛЛЦ“, основана во САД, чиј краен сопственик е Камчев. Тука се формира „Финзи Скопје“, па според податоците за СЈО од банките од Кипар, 650.000 евра легнуваат од мајката на ќерката „Финзи“ во Скопје. Нејзин сопственик е Владислав Стајковиќ. Се формира нова фирма „Си-Фи-Кар“ („Систина, Финзи, Кара“).
    Во 2012, Орце Камчев ја затвора „Финзи“ во САД. После пак ја отвора „Финзи“ во САД. Прв управител на скопската е Небојша Стајковиќ од МВР, го наследува Коста Крпач. Крпач беше најден застрелан уште во април 2016, за време на предистражната постапка за незаконски присвоените 820.000 евра преку неговата фирма. Во времето кога бил застрелан, тој бил сведок на Специјалното обвинителство.

    Паралелно со делот за перење пари, се води истрага и за злоупотреба на службената положба и овластувањата за „Финзи“, кај што се јавува ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков. Таму легнуваат и парите од провизијата од опремата за прислушување од Израел.

    Се враќа наназад СЈО, во 2008, кога офшор компанија „Делта инвестмент“ од Белизе на Илија Камчев, ја формира „Ексико“. Кратко време му е дадена на Жарко Луковски, кој беше директор на Македонски телеком поставен од Владата на Груевски. Ќерката „Ексико“ купува дел од „Делта“, уделот пак го враќа назад. Компанијата од Америка „Калвус“, сопственост на Камчев, станува газда на „Ексико“. „Калвус“ е единствен испраќач на пари, на 1.611.000 евра кај Камчев на сметка. Со тие пари се купуваат имоти во Македонија. Во 2011, „Калвус“ завршува во сопственост на „Ексико“. Тогаш „Ексико“ купува имоти за казина.

    Истрагата „Империја“ ја опфаќа и медиумската компанија МПМ, нејзиното носење во стечај со изигрување на доверителите на оваа компанија за милионски суми евра. – Орце Камчев, Јана Станисављева и Срѓан Керим беа косопственици на МПМ (Фото: Утрински весник)

    СЈО истражува прилив и одлив на средства од фирми од странство, меѓу кои се и „Барнел кредит“ од САД и „Сирах Лимитид“ од Белизе кон „Орка спорт“ и „Орка холдинг“, како и од уште 6 фирми од Израел, Швајцарија, Бахами и Кипар, кон фирми на Камчев. „Сирах“ од Белизе, чиј управител е притворениот Ненад Јосифовиќ, внесува пари во 2012 на „Сирах инженеринг“ од Скопје. Со тие пари се купени 6 атрактивни плацеви во вредност од милион и пол евра: два на име на „Ексико“, 2 на „Кара“, 2 на име на „Сирах“. Орце Камчев го купува „Сирах“ за милион и пол евра, парите се враќаат во Белизе. Тоа се случува кога се објавуваат бомбите во 2015.

    Без оглед дали плацевите се на Орце Камчев или на Никола Груевски, тие се од незаконски пари, велат од СЈО.

    Сопственик на „Ексико“ денес е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ Инвестмент“ од Лугано. Се испитуваат наодите дека краен сопственик е член на семејството на Сашо Мијалков. Дел од објектот во кој живее денеска осомничениот Мијалков е на „Ексико“, како и мебелот, ентериерот и покуќнината, укажуваат доказите на СЈО.

    СЈО истражува и во „Графички центар“ и во најнеистражената зона, како што ја нарекува, АД ЗИК „Пелагонија“. Истражува дали купувачите на акции се реални купувачи, дали дел од акциите се на туѓи имиња. Сопственици на ЗИК „Пелагонија“ се притворените Орце Камчев и Цветан Панделески.
    Кога Орце Камчев го купува „Бетон-Штип“, не го купува да го разработи, туку да испумпа пари преку него, се префрла СЈО на друг сегмент од истрагата, прикажувајќи како се испумпани 4 милиони евра преку оваа компанија со купување имот. Газдите ги тераат акционерите-сведоци на собрание да купат имот од 4 милони евра. Како што ги влечат парите, ги внесуваат во разни зделки.

    Истрагата има и кривично дело измама, во случајот со обидот за преземање на „Фершпед“. Акционерката Кираца Трајковска сакала да земе кредит од Стопанска Банка Битола, за да ја раздолжи ќерка си кај Еуростандард банка. Орце Камчев и Цветан Панделески ѝ кажале да ги заложи акциите кај физичко лице од Кипар, кое ќе влезе во „Фершпед“, ќе му ги купи акциите на Штерјо Наков и ќе му ја преземе компанијата. Кираца во Стопанска банка Битола остава бланко ПП уплатници и добива пари со кои се раздолжува во Еуростандард. Сѐ уште ги има акциите. Кираца и Јованче Тасковски ги убедуваат вработените да ги продадат на купувач акциите по 6.000 евра за една, за да ја преземе новиот купувач компанијата од Наков.

    Но, Наков оди кај Мијалков, бара помош, го викаат Камчев, им соопштува дека ако ги купат тие акциите, ќе ги плати четири пати поскапо, само да си ја спаси компанијата. Камчев и Мијалков ѝ прават на Кираца Трајковска фирма. Ги вложуваат нејзините акции во новата фирма. Управител е Ненад Јосифовиќ.

    Камчеви до 2009 година веќе имале отворено околу 15 офшор компании, од Белизе, Британски девствени острови, преку Лихтенштајн, Лугано и Кипар до Сејшелите. – Список на офшор компании вклучени во истрагата и каде се појавуваат како основачи (Фото: СДК.МК)

    Оваа фирма ги пренесува акциите на друга фирма, ама Трајковска не забележала. Ѝ подметнале документи, го потпишала преносот, продажбата на нејзините акции, без да знае. На 23 декември 2013 ги продаваат на берза акциите на Трајковска, ги купува Наков за над 6 милиони евра, Трајковска останува без акции. (Во втората фирма што со подметнување ги зеле акциите од Трајковска, влегуваат „Орка“, „Ексико“ и „Тимох“). И оваа измама е тешка 4 милиони евра колку што морал да ги натплати Наков своите акции. Заедно со „Бетон-Штип“ и претходните незаконски трансакции, истрагата досега нашла измама и перење пари во „Империја“ во износ од околу 10 милиони евра.

    Истрагата се шири и кон хотелот Мериот, односно во начинот на стекнување на имот на компанијата „Бествеј“, велат СЈО. Во нејзина сопственост е „Дивелоп“, а на „Дивелоп“ е хотелот Мериот во центарот на Скопје. „Бествеј“ е формирана по пуштањето на бомбите. Сопственост била на синот на Сашо Мијалков. За ова сѐ уште не е дадена наредба за истрага, велат во СЈО.
    Во рамки на „Империја“ е и медиумската компанија МПМ, носењето во стечај со изигрување на доверителите на оваа компанија за милионски суми евра. Осомничени се Орце Камчев, Срѓан Керим и Јана Станисављева. Групата се распаѓа во 2017.

    „Бествеј“ станува сè поимотен, со имот, атрактивни плацеви и друго, вели СЈО. „Ексико“ не е ничија, сите негираат каква било поврзаност. Дури немаше ни жалба за замрзнувањето на имотот, велат од ова обвинителство.

    На 8 февруари, истрагата „Империја“ наполни три месеци, од денот откако е отворена.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари