Членовите на Државната изборна комисија (ДИК) во саботата ги утврдиле упатството и образецот за пријавување на 39.502-та спорни запишани гласачи во Избирачкиот список, за кои треба да се објави повик овде во Македонија и во дипломатско конзуларните претставништва во странство. Овие луѓе при теренските проверки не беа најдени дома, а за нив немаше ни повеќе записи во институциите. Готова е и апликацијата за електронско пријавување на овие спорни гласачи, зашто пријавувањето освен со писмен поднесок, ќе биде и електронски.
“На членовите на ДИК им се брза да ги донесат подзаконските акти (упатството за пријавување и образецот), како и апликацијата за пријавување. Текстот на образецот за пријавување ќе биде идентичен, како за дома, така и за во конзуларните претставништва. Повикот и постапката за пријавување спорните гласачи меѓу овие 39.502 во странство, ДИК ќе ја изведе со помош на Министерството за надворешни работи. Но сите овие работи треба првин да се усвојат на седницата на ДИК која треба да се одржи денеска“, велат службите во Комисијата.
Рокот за пријавување е 25 дена од објавувањето на повикот со имињата на 39.502-та спорни гласачи во Избирачкиот список. Јавниот повик, според соговорниците од Комисијата, треба да биде објавен од страна на ДИК утре, најдоцна во среда, или три дена по објавувањето во Службен весник на измените на Изборниот законик. Во ДИК до 20 часот во саботата, немало известување дека измените се објавени во Службен весник, но членовите не ја чекале објавата за да ги утврдат образецот и упатството за пријавување и да му кажат на ИТ секторот како треба да изгледа апликацијата на ДИК за електронско пријавување.
На веб страницата на Државната изборна комисија ќе бидат објавени имињата на 39.502 спорни гласачи во Избирачкиот список. Тие при последната теренска проверка не биле пронајдени дома или за нив нема пронајдено повеќе записи во институциите.