ВРАТНИЧАНИ НЕ ДОЗВОЛУВААТ НА ВРАТНИЧКА РЕКА ДА СЕ ИЗГРАДАТ МАЛИ ХИДРОЦЕНТРАЛИ ОТИ ЌЕ СЕ УНИШТИ СЕЛОТО

    ВРАТНИЧАНИ НЕ ДОЗВОЛУВААТ НА ВРАТНИЧКА РЕКА ДА СЕ ИЗГРАДАТ МАЛИ ХИДРОЦЕНТРАЛИ ОТИ ЌЕ СЕ УНИШТИ СЕЛОТОНе вреди за некој киловат електрична енергија да се уништи една ваква природна убавина, тоа некој мора конечно да го сфати и да се поништат дадените дозволи за градба на мини хидроцентрала на Вратничка Река, велат жителите и бараат да реагира вицепремиерот Кочо Анѓушев оти е загрозен животот во селото. (Фото: СДК.МК)

    Жителите на тетовското село Вратница веќе неколку години упорно се борат против изградбата на мали хидроцентрали на Вратничка Река односно река Ракита, како си ја викаат вратничани. Идејата за градба на овие енергетски објекти ја сметаат за своевиден атак врз селото, неговите жители и прекрасната животна средина во кое е сместено ова село.

    Пред пет години ја стопираа изградбата на две мини хидроцентрали над селото, а неодамна разбрале дека е издадена дозвола за градба на уште една мала хидроцентрала под селото.

    „Ние како жители на Вратница уште од 2014 година се спротиставуваме на изградбата на мали хидроцентрали на нашата река. На овој водотек беа предвидени да се градат две, а сега во мај била издадена дозвола за уште една мала хидроцентрала. Оваа наша река и сега нема доволно вода ниту за биолошкиот минимум, а доколку се изградат централите тогаш се плашиме дека ќе останеме без капка вода. Сите ние жители на Вратница, длабоко сме убедени дека користа од производството на струја ќе биде многу помала од тоа што ние ќе загубиме. Ако се изградат овие хидроцентрали ќе загубиме многу, ќе се уништи оваа прекрасна природа што нѐ опкружува, ќе замре реката, поради изградба на пристапни патишта до тие објекти ќе се уништи теренот и оваа столетна шума и со еден збор, наместо убаво село, какво што е сега Вратница, ќе добиеме село од кое ќе мораат да се иселат и оние малку жители кои тука останаа“, вели Ивица Михајловски од Вратница.

    Во 2015, жителите на Вратница со големи маки успеаја да ја стопираат изградбата на двете мини хидрооцентрали кои тогаш требаше да се градат на горниот тек на Вратничка Река. Со протести, блокади и со жив ѕид, не дозволуваа механизацијата да отпочне, како што велеа, да им ја уништува природа и селото. Тогаш успеаја да ја спречат изградбата, но во мај годинава од Владата била издадена дозвола за градба на нова, трета, мини хидроцентрала, сега на потегот под селото. Концесијата за изградба на мини централата, наречена „Орашје 1“ ја добила фирмата „Еуровија“ ДООЕЛ од Желино.

    „Досега сме се обраќале до сите институции, од Владата па до Министерствата за економија и за животна средина и други институции. Таму сме ги кажувале нашите аргументи зошто не сакаме изградба на вакви објекти. Еве после толку години нашата борба и понатаму трае, но наместо еднаш за секогаш да се прекине со давање дозволи за вакви градби, еве пак издале нова дозвола за градба на нова мини хидроцентрала. Поради ова, ние како Координативно тело, уште еднаш се обративме и до Владата и до заменик-премиерот Кочо Анѓушев, до министерот за животна средина и локалната самоуправа и побаравме средба со нив, но засега уште немаме одговор. Сепак, надлежните треба да знаат дека ако населението не сака во неговата близина да се гради ваков објект, тоа барање треба да се почитува, а нашата желба е токму таква: не сакаме хидроцентрали во атарот на Вратница“, категоричен е Михајловски.

    Поради сето ова, вратничани се многу загрижени за иднината на селото. Велат, последиците од изградба на три вакви, а според некои нивни сознанија било предвидено да се изградат дури пет мали хидроцентрали, можат да бидат катастрофални, не само за Вратница туку и за околните села каде исто така се предвидува да се дадат концесии за изградба на мали хидроцентрали.

    „Оваа река нам многу ни значи, таа е дел од нашето живеење, од нашата историја. Тука ние со векови сме опстојувале и сега некој, преку вакви градби, едноставно сака да нѐ исели од овде. Ова како некој свесно да го прави бидејќи еве, може да се види колку вода има сега во Вратничка Река, може ли да се прави централа со толку малку вода? Ние повторно го дигаме гласот и сакаме да ги убедиме надлежните во државата дека со ова се прави нешто лошо за Вратница, а државата или некој таму кој ќе ја гради централата ќе нема некоја голема корист од ова. Не вреди за некој киловат електрична енергија да се уништи една ваква природна убавина, тоа некој мора конечно да го сфати и да се поништат дадените дозволи за градба. Изминативе две години во Вратница се изградени 7 нови куќи со што почна да се враќа населението, но ако се изградат централите и тие луѓе што останаа во Вратница ќе побегнат. Би било голем штета ако државата не нѐ послуша“, надополнува Стево Томоски од Вратница.

    Вратничани се упорни во настојувањето да си ја зачуваат природната убавина на селото и да не дозволат вакви уништувачки градби. Тие сите се единствени во овие барања, а имаат и голема поддршка од нивните соселани кои се иселени во Америка.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира