„Алкалоид“ ќе инвестира 11 милиони евра во проширувањето на своите производствени капацитети, кои ќе се простираат на површина од 7.000 квадратни метри и ќе отворат нови 200 работни места во сегментот Фармација.
Од овие средства, 3,5 милиони евра ќе бидат наменети за целосно технолошко подготвување на одделението „Пакување на цврсти форми“, со површина од 2.000 квадратни метри. За потребите на одделението, нарачана е опрема во вредност од 5,2 милиона евра, вклучувајќи две автоматски линии за пакување. Исто така, 2,3 милиони евра ќе бидат инвестирани во изградба на два нови ката наменети за производство на цврсти фармацевтски форми.
Сето ова ќе овозможи зголемување на капацитетите за производство за најмалку 50%, односно повеќе од три милијарди парчиња апчиња и капсули годишно.
„Согласно стратегијата за развој и долгорочниот план за капитални вложувања, ‘Алкалоид’ иницира нова фаза од инвестициските активности, која има за цел зголемување на производствените капацитети на компанијата. Планираната инвестиција е во рамките на политиката на компанијата за вложување во капитални проекти, а со оглед на тројното зголемување на консолидираните приходи од продажби во изминативе 15 години“, изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на компанијата.
Планирано е инвестицијата да биде комплетирана во првата половина од 2020 година.