Доналд Трамп ја откажа посетата на Данска, откако земјата ја одби неговата понуда да го купи Гренланд. Тој требаше да ја посети Данска на 2 септември, на покана од кралицата Маргрет Втора.
Американските медиуми минатата недела објавија дека Трамп понудил да го купи Гренланд, кој е автономна данска територија, што данската премиерка Мете Фредериксен го опиша како „апсурдно“.
„Данска е многу посебна земја со неверојатни луѓе, но по коментарите на премиерката Фредериксен дека не е заинтересирана за разговори за купувањето на Гренланд, решив да ја одложам посетата за некое друго време“, напиша Трамп на Твитер.
Трамп деновиве потврди дека навистина бил заинтересиран да го купи Гренланд, опишувајќи го како „огромна недвижнина“, но претходно му беше кажано дека тој не е на продажба.
Гренланд е најголемиот остров на светот, на кој живеат 56.000 луѓе, главно домородните Инуити. Тој има сопствен парламент, како и влада со ограничени овластувања.