Адвокатот Стеван Павлески пред Основниот суд Скопје 1 изјави дека е изненаден што истрагата за „Рекет“, во кој веќе се осомничени Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милески, познат како Кичеец е проширена врз специјалната обвинителка Катица Јанева.
„Јанева е човекот кој гледаше либерално на притворот. Таа е единствената која дозволуваше куќен притвор, враќање на патните исправи… Погледнете ги одлуките на Одделението за организиран криминал – тие немаа такво искуство. Ете тоа некој го зема за зло. Таа е жртва во случајот и ќе го докажеме тоа“, рече Павлески.
Павлески кажа дека е „хумано да ѝ се дозволи на Јанева да замине уште вечерва во Гевгелија“, откако беше објавено дека починала нејзината мајка. „Тоа дури и не треба да го бара адвокат, тоа се подразбира“, рече Павлески.
Стеван Павелески, поранешен републички јавен обвинител е бранител на обвинети токму во случаи кои ги водеше Специјалното јавно обвинителство со кое до денеска шефуваше неговата нова клиентка Јанева. Тој е адвокат на Љупчо Георгиевски, обвинет во случајот на СЈО „Траекторија“ за кинеските провизии и на газдата на „Пелистерка“ Цветан Панделески, осомничен заедно со Орце Камчев во предметот на СЈО „Империја“.
Обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска побара притвор за Јанева.
Специјалната обвинителка е осомничена дека ја злоупотребила службената положба и овластувањата и засега, е откриено дека за незаконските дејства околу помагањето на осомничениот Орце Камчев во нејзината истрага за „Империја”, наплатила од него мебел во вредност од околу 5.000 евра.
С. К. ДЕЛЕВСКА