Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ во Скопје утрово почна да исклучува диви приклучоци на водоводната мрежа во Општина Сарај. Како што велат од претпријатието, голем број од жителите на оваа скопска населба со години на диво се приклучени на нивната мрежа, не плаќаат ниту денар за користење на водата, а трошот големи количини бидејќи ја користат за наводнување на ниви.
„И покрај сите опомени, апели и средби со населението на кои ги информиравме дека треба да се приклучат на градската водоводна мрежа, тоа никој не го стори. Се наводнуваат ниви, пластеници, земјоделски површини, дворови. Се троши питката вода, а при тоа се намалува нормалното водоснабдување на останатите жители и од соседната Општина Ѓорче Петров кои редовно плаќаат сметки“, вели директорот на „Водовод и канализација“ Душко Весковски.
На терен покрај екипите на „Водовод“ се и инспектори од Град Скопје, како и полиција. На граѓните кои се диво приклучени инспекторите од Градот им се изречени казни, а ќе бидат поднесени и кривични пријави. Од претпријатието велат дека акцијата за исклучлување на диви приклучоци ќе продолжи и во наредните денови.
А. АНТЕВСКА