Премиерите Зоран Заев и Ана Брнабиќ денеска го означија почетокот на функционирањето на заедничкиот граничен премин Табановце-Прешево, кој предвидува заедничко управување на граничните и царинските контроли, со едно застанување според системот „One stop shop“.
Во иднина, возилата кои излегуваат од Македонија ќе поминат полициска и царинска контрола на граничниот премин Прешево, каде ќе има и македонски службеници, додека возилата и патниците што доаѓаат од Србија ќе се контролираат на граничниот премин Табановце.
„Со новиот концепт ќе се забрза протокот на патници, стока и на превозни средства, времето на минување на границата ќе се намали за повеќе од половина, што ќе придонесе и за зголемување на бројот на туристи помеѓу двете држави, како и на бројот на транзитните туристи. Контролите ќе се вршат на едно место од страна на царинските служби, а предвидено е меѓусебно признавање на сертификатите на граничните агенции, фитосанитарните и ветеринарните. One stop shop ќе ја намали можноста за царински измами, а ќе го зголеми нивото на доверба, соработка и размена на информации за зголемување на трговијата“, изјави премиерот Заев, сметајќи дека ова е круна на пријателството и добрососедството помеѓу Македонија и Србија.
Тој додаде дека преку Табановце во 2018 поминале околу 200.000 камиони, што претставува една четвртина од вкупниот промет на товарни возила на сите гранични премини. Се очекува оваа бројка да биде зголемена за 30 проценти и оваа година да достигне околу 260.000 камиони, превозниците и извозниците ќе имаат годишна заштеда од околу осум милиони евра, а извозот во двете земји ќе се зголеми за четири проценти, а трговската размена за осум проценти.
Премиерката Брнабиќ истакна дека првата заедничка гранична контрола ќе ја подобри и онака добрата економска соработка помеѓу двете земји, а за тоа најдобро зборуваат податоците, бидејќи вкупната надворешна трговска размена помеѓу Србија и Македонија во 2018 изнесувала над 1 милијарда евра, од кои 865 милиони евра на трговски стоки и 198 милиони на секторски услуги.
Премиерката на Србија денеска е во посета на Македонија, каде ќе бидат потпишани договори за соработка.
С. НИКОЛИЌ