Премиерот Зоран Заев ќе биде повикан да сведочи за случајот „Монструм” на СЈО, за петкратното убиство што се случи кај Смилковското Езеро на 12 април 2012, најави денес обвинителката Фатиме Фетаи на судското рочиште во Кривичниот суд, откако родителите посочија дека добиле ветување од Заев оти ќе се разбере вистината за случајот.
На рочиштето за „Монструм” закажано за 5 септември, во судницата ќе се пуштаат снимките од телефонски разговори поврзани за случајот Смилковско Езеро. Фетаи рече дека СЈО на средината на јули до Кривичниот суд достави обемен материјал, телефонски разговори и транскрипти поврзани со убиствата на Велики Четврток – 12 април 2012 кои биле доставени од СДСМ, а како дополнителни докази ќе бидат изведени и разговори кои ги добила на нејзиниот мобилен телефон, а биле испратени од други лица.
Таа пролетна квечерина кај Смиљковското езеро беа убиени со автоматска пушка и пиштол 20-годишните момчиња: Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски, а потоа и рибарот Борче Стефановски.
Во првичната пресуда што ја поништи петчлениот совет на Врховниот суд, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, брат му Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири и Сами Љута. Првите двајца се во бегство, а останатите се на слобода и тие се редовни на сите судски рочишта на случајот што го презеде СЈО.