Предлог-законот за Јавно обвинителство денеска е на дневен ред на седницата во Собранието. Според владиниот Предлог-закон, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) треба да се спои со Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и да се вика Обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција, а на чие чело ќе стои шефот на ова обвинителство. Притоа, обвинителите кои сè уште работат во СЈО треба да продолжат со својата работа, додека за истражителите предложени се две опции, или да се префрлат во Јавното обвинителство или да се вратат во МВР од каде што се дојдени и потоа да се формира истражен центар во Јавното обвинителство.
Работните групи на власта и опозицијата вчера не успеаја да усогласат ставови за статусот на СЈО. Министерката за правда Рената Дескоска кажа дека клучните непремостливи разлики се однесуваат токму на предметите на СЈО, за кои опозицијата не сака да се затворат ефикасно.
„Нашиот предлог е тие предмети да бидат трансферирани и да продолжат од точката до која се стасани во СЈО, да нема одолговлекување и застој во постапките. Забелешките кои ги има ВМРО-ДПМНЕ порачавме да ги преточи во амандмани. Законот утре влегува во собраниска процедура, амандманите треба да бидат поднесени до четврток. Се надевам дека утре сите политички партии ќе смогнат сили да водат сметка за иднината на нашата држава на патот на евроинтеграциите и дека ќе се донесе овој закон“, рече вчера министерката Дескоска и додаде:
„Ние работиме на обезбедување на двотретинско мнозинство за обвинителскиот закон. Ако не обезбедиме, се надевам Советот на јавни обвинители ќе најде решение за да се продолжи работата на СЈО“.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски кој е во преговарачкиот тим на партијата, но и осомничен во истрагата на СЈО „Моќник“, рече дека оставаат можност „во комисиската расправа со квалитетни амандмани да го подобриме законскиот текст доколку има спремност од владејачкото мнозинство да има закон што би бил широко прифатен и заснован на стандарди“.
Министерката Дескоска вели дека со оглед на тоа што новиот закон предвидува оти двете обвинителства – за организиран криминал и СЈО се спојуваат, логично е дека сите обвинители чиј мандат трае и сите вработени од двете обвинителства да преминат во новото обвинителство. Според Дескоска, Специјалната обвинителка Катица Јанева, која од 21 август е во 30-дневен притвор како осомничена за злоупотреба на службената положба и овластувања во случајот „Рекет“, не влегува во тој пакет, бидејќи нејзе мандатот ѝ истекува на 15 септември.
„Но, кога зборуваме за конкретни личности, без оглед дали се обвинители или вработени во обвинителствата, мора да бидеме свесни дека доколку се докаже нивна кривична одговорност, тие со судска одлука би биле отстранети од своите работни места, без оглед каде законот предвидува дека би ја продолжиле нивната кариера. До донесување на судската одлука останува пресумпцијата на невиност“, рече Дескоска.
Советот на јавни обвинители денеска на седница ќе расправа за вмешаноста на Специјалната обвинителка Катица Јанева во случајот „Рекет“ и ако утврди елементи за разрешување ќе се извести Собранието. Седницата е закажана за 11 часот. Во Законот за СЈО не е предвидена замена за Специјалната обвинителка, ниту е утврдена постапка за избор на нов шеф.
Јанева поднесе оставка на 15 јули, и рече дека таа ќе стане активна тогаш кога политичките партии ќе се усогласат за новото законско решение и ќе го изберат нејзиниот наследник. Оставката ја најави со објава на сајтот на СЈО, кусо откако истиот ден беа приведени прво и второосомничениот во „Рекет“ Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милески-Кичеец.
С. К. ДЕЛЕВСКА