ТАМАРА И ЉУБО МЕ СЛУШНАА КОГА МИ БЕШЕ НАЈТЕШКО, РЕЧЕ АТИЏЕ, ЅВЕЗДАТА НА „МЕДЕНА ЗЕМЈА“, НА ПРЕМИЕРАТА ВО СКОПЈЕ

    ТАМАРА И ЉУБО МЕ СЛУШНАА КОГА МИ БЕШЕ НАЈТЕШКО, РЕЧЕ АТИЏЕ, ЅВЕЗДАТА НА „МЕДЕНА ЗЕМЈА“, НА ПРЕМИЕРАТА ВО СКОПЈЕ„Медена земја“ вчера на 10. МакеДокс ја освои и наградата Млад кромид за најдобар филм на нов автор; - режисерката Тамара Котевска и ѕвездата на докуменатрецот, пчеларката Атиџе Муратова (Фото: К. Попов)

    Со долготраен стоечки аплауз и овации за режисерите дебитанти Тамара Котевска и Љубомир Стефанов и ѕвездата на документарецот Атиџе Муратова, снимателите Фејми Даут и Самир Љума, продуцентот Атанас Георгиев и бендот „Фолтин“, мина долгоочекуваната македонска премиера на „Медена земја“, синоќа на затворањето на МакеДокс во Куршумли ан.  Котевска рече дека за нив ова е најзначајната премиера на филмот, кој го обиколи светот откако освои 3 награди на Санденс и куп други признанија на светските фестивали, и е македонски кандидат за Оскар.

    Филмот е за фасцинантниот живот на Атиџе Муратова, пчеларка која одгледува диви пчели во зафрленото овчеполско село Бекирлија, а таа кажа дека е среќна како ја виделе режисерите.

    „Тие ме сослушаа кога ми беше најтешко во животот“, рече Атиџе и испеа јуручка песна. Кажа и дека пчелите се уште во Бекирлија, но дека таа сега таму живее само лете, на зима се сели во велешкото село Дурфулија.

    Режисерите дебитанти Тамара Котевска и Љубомир Стефанов и ѕвездата на документарецот Атиџе Муратова, снимателите Фејми Даут и Самир Љума, продуцентот Атанас Георгиев и бендот „Фолтин“, на македонска премиера на „Медена земја“ на МакеДокс. (Фото: К. Попов)

    Котевска кажа дека највозбудливо за неа е што во разни земји во светот публиката забележува различни нивоа на филмот.

    „Во Хонгконг еден гледач ни рече дека најмногу го погодило сознанието дека самотијата е иста секаде во светот, а во Америка повеќе ги забележаа темите за консумеризам и уништување на природата низ животот на соседите на Атиџе“, рече Котевска.

    „Медена земја“ вчера на 10. МакеДокс ја освои и наградата Млад кромид за најдобар филм на нов автор, а ваква награда доби и белгискиот „Боговите на Моленбек“ на Рета Хухтанен. Наградата Кромид за најдобар филм во главната програма ја доби „Соло“ на Артемио Бенки.

    „Медена земја“ од денеска игра на редовниот репертоар на киното Синеплекс во Скопје.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира