Документарецот „Медена земја“ е најрадосниот глас од Македонија, ја пронесе благата вест: има надеж за човештвото. Филмот за фасцинантниот живот на Атиџе Муратова, пчеларка која одгледува диви пчели во зафрленото напуштено овчеполско село Бекирлија, откри дека опстојувањето во перфектна хармонија со природата не е замрен апстрактен концепт, ами е живо и покрај бруталните налети на консумеризмот, комерцијализацијата, па и на борбата за голо преживување.
Атиџе живее сама со болната неподвижна мајка во ужасно сурови услови, без струја и вода, ама посветено го практикува единствениот морален принцип за „одржлив развој“ – пола за мене, пола за пчелите. Пола мед задржува за себе, пола им остава на пчелите, без да се лакоми за пари оти знае дека лакомоста е смрт и за неа и за пчелите.
Атиџе е шаманка која им пее на пчелите, на животните и на децата, своите денови на Земјата ги минува во радост и спокој, непоматени дури и од најбруталните удари на секојдневието.
А ударите се најголеми кога едно лето ќе се доселат комшии, семејството на Хусеин и Љутвие Сам со седум деца. Хусеин ќе почне да одгледува пчели, ама притиснат од товарот на сиромаштијата и агресивната алчност на прекупецот, ќе го скрши принципот пола-пола и ќе го собере сиот мед од пчелите, на штета и негова и на Атиџе. И по цена на отеченото лице на ќерка му, искасано од пчели.
Атиџе не може да се разбере со Хусеин, ама неговиот син тинејџер Вели ќе ја прими нејзината мудрост – таа ќе го воведе во улиштата пчели скриени во карпите и ќе му ја открие тајната на природата, тој ќе стане нејзин ученик. Односот меѓу нив се гради полека, а кулминира во една од највозбудливите сцени на филмот, кога на крајот од денот минат барајќи улишта Атиџе ќе пресече парче од саќето со мед што го извадиле и ќе му го даде на Вели да го проба – тоа е како ритуал на иницијација, шаманката му дава на ученикот да пие од изворот на познанието.
„Медена земја“ е деби на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, го снимале во текот на 3 години. Едно од највредните нешта во филмот е што покажува како се менувал нивниот поглед на тој непознат свет што го документираат. На почетокот е патронизирачка фасцинација од егзотиката (поглед на луѓе од градовите растени под клима уред), за да се развие во познание и длабока почит, животно искуство. Од „боже, како живеат!“, до „боже, ова е живот!“
Котевска и Стефанов се талентирани раскажувачи, со умешност да задржат дистанца од животите што ги документираат и, без претерани интервенции, да остават тие сами да се откријат.
Камерата на Фејми Даут и Самир Љума како возбудено да воздивнува сликајќи ги овчеполските предели, диви како роевите диви пчели, а мир наоѓа само во маркантното, спокојно лице на Атиџе.
Монтажата на Атанас Георгиев, малку груба ама прецизна, полека ги склопува различните слоеви на прикаската за да дојде до големата слика – Котевска и Стефанов во филмов не откриваат како преживува, ами како живее Човекот сега и секаде.
Атиџе како оди по ридот нарамена со улиште врзано во шамија ќе остане иконична слика за безвременост.
„Медена земја“ во јануари победи со 3 награди на Санденс, сега е македонски кандидат за Оскар за најдобар странски филм, а има шанси да биде номиниран и во оскаровската категорија за најдобар документарец за што директно се квалификува бидејќи победи на фестивалот Докавив во Тел Авив. Со сите награди освоени изминативе 8 месеци и светската кинодистрибуција, веќе е еден од најуспешните филмови во современата македонска кинематографија.
Марина КОСТОВА