ВО ШТИП ПО 20 ГОДИНИ СЕ ОДРЖА АЕРОМИТИНГ, ОТВОРЕН ПРВ ПРИВАТЕН ХАНГАР ЗА СПОРТСКИ АВИОНИ И ПИЛОТСКА ОБУКА

    ВО ШТИП ПО 20 ГОДИНИ СЕ ОДРЖА АЕРОМИТИНГ, ОТВОРЕН ПРВ ПРИВАТЕН ХАНГАР ЗА СПОРТСКИ АВИОНИ И ПИЛОТСКА ОБУКАПрофесионалниот пилот Раде Ивановски пред својот хангар за спортски авиони (Фото: СДК.МК)

    По 20 години, во Штип се одржа првиот собир на пилоти и падобранци од Македонија, кои со своите спортски авиони и едрилици учествуваа во ревијалниот натпревар во прецизно слетување, акробации и падобранство. На атрактивниот настан на спортскиот аеродром Сушево присуствуваа голем број гледачи од повеќе градови во Македонија.

    Аеромитингот, на кој имаше 20-мина учесници, беше дополнет со пуштање во употреба на првиот приватен хангар за спортски авиони, во чии рамки ќе работи и школа за пилоти под раководство на професионалниот пилот Раде Ивановски од Штип.

    На аеромитингот учествуваа и искусните падобранци Маријан Симоновски и Горан Денковски (Фото: СДК.МК)

    „Идејата за хангар и пилотска обука се роди како потреба не само за Штип, туку и за цела Македонија. Многу млади се интересираат за пилотска обука. Ќе ми помагаат и моите синови Никола и Маријан, од кои првиот веќе ги исполни сите пилотски обуки и критериуми и може да бира авиокомпанија за која ќе лета“, вели Ивановски, кој главно пилотира над Африка за авиокомпанијата „Руанда ер“.

    На аеромитингот учествуваа и искусните падобранци Маријан Симоновски и Горан Денковски, членови на аероклубот Куманово.

    „Во Штип за последен пат сме биле пред 20 години и добро е што Ивановски, заедно со членовите на аероклубот ‘25 мај‘ од Штип, организираше ваков митинг“, вели 57-годишниот Симоновски, кој заедно со својот сограѓанин Горан има над 2.500 падобрански скокови.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира