ЛИФТОВИТЕ ВО ЗДРАВСТВЕНИОТ ДОМ ВО ШТИП НЕ РАБОТАТ ТРИ НЕДЕЛИ, ПАЦИЕНТИ КОЛАБИРААТ ОДЕЈЌИ ПО СКАЛИ

    ЛИФТОВИТЕ ВО ЗДРАВСТВЕНИОТ ДОМ ВО ШТИП НЕ РАБОТАТ ТРИ НЕДЕЛИ, ПАЦИЕНТИ КОЛАБИРААТ ОДЕЈЌИ ПО СКАЛИКлупите поставени пред лифтовите кажуваат дека тие не работат, па дури и пациентите со патерици мора да одат по скали (Фото: СДК.МК)

    Здравствениот дом во Штип „Д-р Панче Караѓозов“ веќе трета недела е без лифтови. Двата лифта што се наоѓаат во петкатната зграда се во дефект, па пациентите и стотина вработени се принудени да се искачуваат по скалите.

    Во најтешка ситуација се срцевоболните и оние со претрпен мозочен удар за кои нема помошни патеки за колички, како и пациентите кои имаат потреба од епидемиолошките служби на четвртиот кат.

    Фреквенцијата на четвртиот кат е една од најголемите, затоа што службите на Епидемиолошкиот завод ги опслужуваат и пациентите од Клиничката болница и оние од други градови кои тука се упатуваат. Имало случаи пациенти да колабираат по искачувањето пешки.

    Здравствениот дом во Штип има над 100 ординации и дневни амбуланти, а салите за состаноци, едукација и семинари сега се затворени, затоа што се наоѓаат на последниот, петти кат. Се смета дека домот дневно го посетуваат над 1.000 пациенти и има над 150 вработени.

    „Јас имав мозочен удар и сега се движам со помош на патерица. Бев принуден овие десетина дена три пати да дојдам во Здравствениот дом, но бидејќи лифтовите не работат, морав со патерицата со саати да се искачувам до третиот кат. Вчера кога дојдов имаше уште потешка ситуација, кога еден пациент со посилен мозочен удар неговите мораа на раце да го искачуваат во количката“, вели штипјанецот Васе Николов.

    Директорката на Здравствениот дом Снежана Трајковска не беше многу распложена за давање информации. Лифтовите ги одржувала фирма од Скопје, чии претставници доаѓале во Штип, но проблемот не го решиле.

    „Бараме сервисер и се надевам дека во скоро време лифтовите ќе проработат“, кратко одговори Трајковска.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира