Работното време на кафулињата и кафеаните цела година да биде до 1 часот, а не само за време на распустот на учениците, бараат угостителите од Министерството за економија. Пред две години, Здружението за заштита на правата на угостителите „Хорекаши“ поднело барање на Министерството да се измени постојниот Закон за угостителска дејност, бидејќи сметаат оти не е логично кога е учебна година локалите да работат до полноќ.
„Не ни е јасно зошто само кога е распуст угостителските објекти може да работат секој ден до еден часот по полноќ. Па учениците се малолетни и на нив не смее да им се продава алкохол. Во ноември 2017 година, по доаѓањето на власт на новата Влада, Здружението ‘Хорекаши‘ поднесе подготвен Предлог-закон со кој би се регулирала оваа проблематика. Но, до денес никој не одговорил, ниту не повикал на консултации“, велат скопските угостители.
Работното време на угостителските објекти беше регулирано со Законот за угостителската дејност донесен во 2004. Тогашната влада на СДСМ кога премиер беше Владо Бучковски, по убиство на малолетник во центарот на Скопје го ограничи времето на работа на кафулињата и кафеаните да биде до полноќ во работните денови, а до еден часот само за викендите и празници. До 2004 локалите работеа без временско ограничување.
Од Министерството за економија велат дека ако има иницијатива за промена на работното време таа ќе биде разгледана.
„За секоја измена на одреден закон Владата секогаш го зема предвид и јавното мислење. Министерството за економија пред било каква измена организира работилници, јавни дебати во кои секогаш е вклучен приватниот сектор. Работното време на угостителските објекти е усогласено со приватниот сектор земајќи ги предвид искуствата од европските земји и од регионот. Секако, по ова прашање е многу важно да се внимава и на граѓаните кои живеат во близина на угостителските објекти“, велат од Министерството за економија.
А. АНТЕВСКА