Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески денес најави дека повеќе нема да има нови предупредувања и молби до сопствениците на дивоградби оти многу брзо ќе се пристапи кон нивно уривање.
„Апелирам до сите кои добиле решенија за отстранување на објекти, независно дали се работи за платформи, тераси, бетонски бази и друг вид нелегално изградени објекти да почнат сами да ги отстрануваат. Уривање во Охрид ќе има многу скоро“, кажа Георгиески денеска.
Дел од сопствениците на диви тераси и платформи на брегот најпрво најавија дека сами ќе ги отстранат, но сега се премислиле.
„Надзор на платформите веќе е спроведен. Сега ќе добијат решение за отстранување на само на платформите, туку и за објектите и за терасите. Станува збор за сите платформи на брегот на езерото, и тоа не само во градот туку и на плажите“, додаде Георгиески.
Георгиески вели дека е во тек изработка на динамички план на сите објекти што се во активна зона на управување на Националниот парк „Галичица“, како и во крајбрежјето односно заштитениот појас, како и процес на евалуација на документацијата на тие објекти.
„Сопственици на такви објекти во периодот што следува уште еднаш писмено ќе бидат известени дека нивниот објект ќе биде отстранет. Им останува некој рок од уште десеттина дена да почнат тоа да го прават сами. Периодот на преговарање, договарање, молење заврши. Сите што имаат илегални објекти да почнат сами да ги отстрануваат“, вели градоначалникот Георгиески.
Д. ЧУБРИЌ