Директорот на Градската општа болница „8 Септември“ Христијан Костов вели дека не се точни информациите оти долго се чека за операциии во оваа болница и дека не се случило итни пациенти да чекаат за операција. На отворањето на новиот Кардиоваскуларен центар во болницата, Костов кажа дека проблемот со недостиг од кадар што го има болницата го решаваат така што на помош доаѓаат колеги од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, а закажаните операции се изведуваат и за време на дежурствата кога нема итни пациенти.
„Поради несоодветно планирање на кадарот во оваа болница, во пензија за неколку месеци заминаа пет анестезиолози, а не било планирано создавање нов кадар. Поради тоа ни се јави овој проблем и во координација сме со некои доктори кои ни дојдоа на помош во Клиниката за анестезија реанимација и интензивно лекување, а со двајца доктори кои се на специјализација и ќе бидат пратени во нашата установа сметам дека за два до три месеци тој проблем ќе се реши целосно“, рече Костов.
„Засега нема поголеми чекања оти се води сметка оперативните интервенции да се вршат во попладневните и ноќните саати во оперативниот дел“, рече Костов на реакциите дека по неколку месеци се чека за операција на одделите за ортопедија и абдоменална хирургија, а потешките случаи со малигни заболувања од оделот за абдоменална хирургија ги препраќаат во клиниките.
На прашањето како ова се одразува на третманот на итните пациенти, со оглед на тоа дека поради недостиг од анестезиолози и материјали, новиот Траума центар што беше отворен во болницата лани за Денот на независноста практично не работи, а сега непосредно пред празникот се отвора нов центар за кој најави дека интервенции ќе се вршат и попладне, тој рече:
„На секое дежурство има по две до три случаи. Не се случило итен пациент да чека за операција“.
Министерот за здравство Венко Филипче рече дека од почетокот на минатата година досега се издадени околу 5.000 согласности за вработувања на медицински кадар секаде каде што има недостиг и дека за наредниот четиригодишен период со одобрените близу 1.000 специјализации, од кои само 200 за оваа година, ќе се пополнува недостигот од кадар.
„Свесни сме дека стручен кадар не се создава преку ноќ, и дозволуваме ротација на кадрите од таму каде ги има, пред сè од Клиниката за реанимација и интензивно лекување, оти најмногу недостасуваат да асистираат таму каде што е потребно. Направивме измена во Законот за здравствена заштита, со која дозволивме специјалисти да извршуваат работа во институции каде не е регистрирана таа дејност, пред сè заради недостиг на кадар. Специјалистите ќе може да одат ширум земјата и на тој начин да ја приближат услугата место пациентите да патуваат во регионалните центри“, рече Филипче.
Е. БОЧВАРОСКА