ОСВЕН БЕЗ АНЕСТЕЗИОЛОЗИ, „8 СЕПТЕМВРИ“ ОСТАНА И БЕЗ ВЕШТАЧКИ КОЛКОВИ, ЗА ОПЕРАЦИЈА СЕ ЧЕКА И ПОВЕЌЕ ОД ПОЛОВИНА ГОДИНА

    ОСВЕН БЕЗ АНЕСТЕЗИОЛОЗИ, „8 СЕПТЕМВРИ“ ОСТАНА И БЕЗ ВЕШТАЧКИ КОЛКОВИ, ЗА ОПЕРАЦИЈА СЕ ЧЕКА И ПОВЕЌЕ ОД ПОЛОВИНА ГОДИНАМинистерот за здравство Венко Филипче вели дека е запознат со проблемот за недостиг на остеосинтетски материјал за хируршките интервенции и препорача oперационите сали да бидат отворени и во втора смена, за да се намалат листите на чекање веднаш штом ќе стасаат нарачаните импланти за колкови и колена; - Филипче со директорот Христијан Костов и премиерот Зоран Заев на отворањето на новиот оддел за трауматологија во болницата лани на 8 Септември (Фото: Ѓ. Личовски)

    Пациенти се жалат дека со месеци, а некои дури и повеќе од половина година не може да закажат операции за поставување импланти на колкови и колена во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје и дека листите за чекање се прават и за есен, а од болницата велат дека операциите се одложуваат само поради недоволен број анестезиолози.

    По поплаките од пациенти, министерот за здравство Венко Филипче вчера кажа дека е запознат со проблемот за недостиг на остеосинтетски материјал за хируршките интервенции и препорача веднаш штом ќе стасаат нарачаните импланти за колкови и колена, oперационите сали да бидат отворени и во втора смена, за да се намалат листите на чекање.

    „Сега има постапка за набавка на ваков остеосинтетски материјал до почетокот на јуни. Во периодот што следи, треба со соодветен механизам на работа, па макар било тоа и организација на работата во втора смена, за што пократко време да се намалат листите на чекање“, рече Филипче вчера при претставувањето на набавката на нови возила за Брзата помош.

    Директорот на болницата Христијан Костов за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека во случајот со одделот за ортопедија не е проблем недостигот од материјали, туку малиот број анестезиолози и дека тоа се одразува и на работата на останатите хируршки одделенија.

    “Материјали за ортопедија имаше до пред некој ден. Во тек е набавката и до крајот на месецот ќе заврши. Но, не се проблем материјалите, туку анестезиолозите. Сега имаме 9 анестезиолози на 50 хирурзи и не може да постигнат“, вели Костов и додава дека на одделот за абдоменална хирургија нема проблем.

    Минатата недела кога информираше како болницата се справила со зголемен број интервенции за време на посетата на папата, Костов рече дека во функција се пет од десет сали, дека проблемот со медицински сестри го решиле со нови вработувања, а застој во програмата на одредени хируршки гранки, како што е ортопедијата, има поради недостиг на анестезиолози. Тој тогаш не спомена проблем со протезите, иако на пациенти кои чекаат операција на колк или колено во болницата веќе извесно време им кажувале дека ќе мора да се стрпат неколку месеци оти имплантите се веќе потрошени, а нови ќе има дури кога ќе заврши тендерската постапка, која ако се оддолжи со жалби и одговор на жалбите може да заврши најрано во летните месеци.

    Болницата „8 Септември“ подолго време има проблеми во работењето поради недостиг на кадар и голем наплив на пациенти. Пред два месеца се расипаа и двата компјутерски томографа кои од неодамна повторно се во функција. Поради недостиг на анестезиолози, операционите сали не се користат истовремено и секој работен ден. И болничкиот дел на новиот оддел за трауматологија, во кој беа сместени повредените од несреќата на превртениот автобус кај Ласкарци на 13 февруари, сега е повторно празен.

    Директорот на болницата Костов уште во февруари годинава предупреди дека од десет работат само пет сали, дека бројот на операции е намален за половина, ама дека толку може да се постигне само со деветмината анестезиолози.  Тој најавува дека двајца специјализанти привршуваат со специјализациите и дека наскоро тие ќе се вратат во болницата, по што би требало да се намали и времето за чекање операција.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари