Денеска или најдоцна до утре Собранието ќе треба да ги изгласа законските измени кои четирите партии потписници на Пржинскиот договор ги договорија минатата недела. Станува збор за измени во законот за влада, законот за внатрешни работи и законот за медиуми кои ќе отворат пат за избори на 11 декември.
Денеска во Собранието е редовната седница за пратенички прашања што се одржува секој последен четврток во месецот, па најверојатно пржинските измени на законите ќе се разгледуваат утре.
Ако се оди според договореното Собранието треба да се распушти на 10 октомври.
За преодна влада сто дена пред избори, ќе се менува Законот за Влада.
Законот за внатрешни работи ќе претрпи измени по неколку основи. Првин треба да се изгласа неговата суспензија, односно одложена примена за една година, а на министерот за внатрешни во преодната влада, ќе му се дозволи да направи 15 смени во менаџерските структури на МВР и да смени 10 отсто од раководните лица по хоризонтална линија.
Со измени во законот за медиуми ќе се воведе петчленото ад-хок тело што ќе биде составено од партиски предлози, а треба да ја контролира балансираноста на објавите во медиумите 100 дена пред одржувањето на изборите.
СДСМ вчера јавно ги повика новинарите да предлагаат членови на ова контролно тело.