Суспендираниот судија од Управниот суд Мустафа Шахини, на негово барање, си доби продолжување на мандатот како судија, иако имунитетот му е одземен. Тој е суспендиран од мај 2019 година, бидејќи обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска отвори истрага за него за злоупотреби на функцијата.
Рускоска побара и притвор за Шахини, но Судскиот совет само му го одзеде имунитетот, а не дозволи да оди во притвор.
Шахини е осомничен дека со злоупотреба на службената положба и овластувањата, како судија во Управниот суд ја оштетил државата со двесте илјади евра.
„Судскиот совет донесе одлука со која го одзема имунитетот на судија, заради непречено водење на кривичната постапка. Донесена е одлука со која не се одобри барањето за определување на мерката притвор за судијата“, соопшти тогаш Судскиот совет.
Мандатот денеска на Шахини, поради пресумпција на невиност, му е продолжен до август 2021 година.
С. К. ДЕЛЕВСКА