МЕСТО 4-5 ДЕНА, ПАРКИНГ ВО ВЕЛЕС СЕ АСФАЛТИРА ТРИ НЕДЕЛИ

    МЕСТО 4-5 ДЕНА, ПАРКИНГ ВО ВЕЛЕС СЕ АСФАЛТИРА ТРИ НЕДЕЛИИзведувачот побарал да се затвори просторот, а не бил подготвен да ги изврши дадените задачи (Фото: СДК.МК)

    Наместо четири-пет дена, како што најавија од локалната власт, паркинг просторот кај Ликовниот салон во Велес се реконструира три седмици. Но, работите не се ни започнати. Ова предизвика силни реакции во јавноста, бидејќи градот и онака нема доволно паркинг простор.

    Освен возачите, и пешаците го чувствуваат проблемот, оти тротоарот во должина од 50-ина метри е окупиран од паркирани автомобили. Од локалната власт вината ја посочуваат на изведувачот, кој побарал да се затвори просторот, а не бил подготвен да ги изврши дадените задачи.

    „На иницијатива на изведувачот ‘Изгрев‘ го затворивме паркингот за да го изгребаат и асфалтираат. Мина трета недела, а тие не работат. Изговорот е дека фирмата нема асфалтна база, не доаѓа за толку мали површини, па сега ќе се фокусира на други активности – пат за езеро Младост и пат за село Чолошево. Ова требаше да ни го кажат навреме, а не сега да се плука кон мене и службениците, а не сносиме никаква вина“, кажа градоначалникот Коцевски.

    Тој дополни дека имаат сериозен проблем со градежните фирми-изведувачи, кои се жалат на недостиг од работници, па голем број налози за работа, издадени од Општина Велес, не биле реализирани.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира