Општина Центар ќе дава субвенции за поправка на покриви и на стари лифтови во станбените згради на нејзина територија. Заедниците на станари ќе добијат помош од Општината во висина од 30 отсто од цената за реновирање на покривите или поправка на лифтовите. Аплицирањето трае од 16 до 30 септември, по принципот прв дојден, прв услужен.
„Станарите ќе добијат субвенција од 30 отсто од цената, но не повеќе од 150.000 денари за поправка на кров односно 300.000 денари за лифт. Јавниот повик се однесува на финансиска поддршка за поправка на лифт за кој со мислење од независно тело е утврдено дека е технички неисправен, и модернизација на лифтови и нивно усогласување со безбедносните барања и подобрување на безбедноста на постоечките. Финансиската поддршка за реконструкција на кровови, пак, е насочена кон замена на постоечки азбестни салонитни покриви со еколошки“, велат од Општина Центар.
Лани оваа мерка ја искористија 26 станбени објекти на територија на Општина Центар.
А. АНТЕВСКА