СО АЛМОДОВАР ЗБОРУВАМЕ ЗА ФИЛМОВИТЕ САМО ДОДЕКА ВЕЧЕРАМЕ, РЕЧЕ ВО БИТОЛА КИНЕМАТОГРАФЕРОТ НА „БОЛКА И СЛАВА“ АЛКАИНЕ

    СО АЛМОДОВАР ЗБОРУВАМЕ ЗА ФИЛМОВИТЕ САМО ДОДЕКА ВЕЧЕРАМЕ, РЕЧЕ ВО БИТОЛА КИНЕМАТОГРАФЕРОТ НА „БОЛКА И СЛАВА“ АЛКАИНЕХозе Луис Алкаине важи за еден од најзначајните шпански кинематографери и омилен соработник на Педро Алмодовар. Во својот опус брои над 145 филмови. - Благоја Куновски-Доре и Алкаине на денешната прес конференција во Битола (Фото: СДК.МК)

    Шпанскиот кинематографер Хозе Луис Алакаине, чест соработник на шпанскиот режисер Педро Алмодовар, денеска во Битола весело и отворено говореше за работата со режисерот, за боите и сенките во неговите филмови, како и за нивниот последен заеднички филм „Болка и слава“. Филмот на Алмодовар со Антонио Бандерас, синоќа го отвори јубилејното 40. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Бандерас во мај на Канскиот филмски фестивал доби награда за најдобар актер.

    Осумдесет и едногодишниот Алкаине доаѓа во Битола по шест години, откако во 2013 доби Златна Камера 300 за животно дело.

    „Со Педро не разговараме за филмовите и за фотографијата додека снимаме. Може да поразговараме на вечера евентуално, но и тоа е ретко. Во неговите филмови најважни се боите и лицата. Црвената боја, конкретно, е најтешка за доловување“, рече кинематограферот. За последниот филм конкретно, Алмодовар на почетокот му рекол само дека сака фокус на целиот екран.

    Благоја Куновски-Доре и Хозе Луис Алкаине денеска во Битола (Фото: СДК.МК)

    „Снимавме една сцена каде Антонио седеше на кревет со зелена прекривка. Зеленета е исто така специфична боја за доловување. Но, со своето тело правеше сенка на покривката. Алмодовар ми вели: ‘Не, сакам целата зелена боја да биде иста, без сенки’. Па, така местевме, местевме додека не ја добивме потребната нијанса“, кажа тој.

    Со смеа раскажа дека откако со Алмодовар го снимиле филмот „Врзи ме“ во 1989, поминале 16 години откако му се јавиле за повторна соработка.

    „Ми рекоа, ајде поминаа 16 години, веројатно ги надминавте разликите и може да работите заедно (ха, ха). И така го снимивме ‘Лошо образование’“, додаде Алкаине.

    „Болка и слава“ е филм за алтер-егото на Алмодовар. Во филмот, во кој игра и Пенелопе Круз, Бандерас игра режисер кој се потсетува на одлуките кои ги направил во минатото и со кои се соочува во сегашноста.

    Алкаине кажа дека интересно е што снимале во копија на станот во кој живее Алмодовар.

    „Малку беше чудно за Педро секој ден да доаѓа од неговиот стан во ист негов стан, само што околу него имаше 80 луѓе“, весело рече тој.

    На прашањето на уметничкиот селектор Благоја Куновски-Доре околу користењето на дигиталната технологија, Алкаине рече: „Мониторот го користам како платно на кое сликам“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира