5.000 ЕВРА Е ШТЕТАТА ОД ДЕМОЛИРАЊЕТО НА ЗЕЛЕНИОТ ПОКРИВ НА ГТЦ, ГРАДИНАТА ЌЕ БИДЕ ГОТОВА ЗА 2 МЕСЕЦА

    5.000 ЕВРА Е ШТЕТАТА ОД ДЕМОЛИРАЊЕТО НА ЗЕЛЕНИОТ ПОКРИВ НА ГТЦ, ГРАДИНАТА ЌЕ БИДЕ ГОТОВА ЗА 2 МЕСЕЦАВо моментов на покривот на ГТЦ се изведуваат градежни работи за оформување на фонтаните и местата каде ќе бидат насадени висококвалитетни дрвја, зимзелени грмушки и декоративни треви. Се поставува и конструкцијата на кафулето кое ќе работи во склоп на зелениот покрив. (Фото: СДК.МК)

    Околу 5.000 евра е штетата што ја направи лицето кое на 30 август го демолираше зелениот покрив на Градскиот трговски центар (ГТЦ) во Скопје. Директорот на ГТЦ Ѓоко Трајчевски вели дека тужба против сторителот, кој беше фатен на безбедносните камери, ќе поднесе фирмата која ги врши градежните работи.

    На 30 август сопственик на хотел кој се наоѓа во трговскиот центар кршеше и уништуваше дел од поставените инсталации оти не му било дозволено дел од зелениот покрив да го превори во летна тераса.

    „Обвинителството поведува постапка по службена должност доколку направената штета е над 20.000 евра. Во овој случај вештачењето покажа дека штетата е околу 5.000 евра. Уништени беа делови од изолацијата, електриката, искршени шипки и конструкции за фонтаните и деловите каде ќе се сади зеленило“, вели Трајчевски.

    Во моментов, на покривот на ГТЦ се изведуваат градежни работи за оформување на фонтаните и местата каде ќе бидат насадени висококвалитетни дрвја, зимзелени грмушки и декоративни треви. Се поставува и конструкцијата на кафулето кое ќе работи во склоп на зелениот покрив.

    „На местата каде ќе се посади зеленило најпрви мора да се постави изолација за да не протекува вода во просториите кои се под тој дел од трговскиот. Потоа ќе се постави и систем за полевање капка по капка. Садниците се набавени од Италија и очекувам според сегашниот интензитет на работа за два месеци зелениот покрив да биде пуштен во употреба“, додава Трајчевски.

    Град Скопје во февруари годинава почна со изградба на зелиот покрив на ГТЦ и, според најавите, требаше да биде готов во септември. Проектот предвидува да бидат зазеленети 1.800 квадратни метри, односно просторот што гледа кон Плоштадот Македонија. Ќе бидат засадени 29 висококвалитетни дрвја и повеќе од 30 други видови садници. Ќе бидат поставени неколку водени зони во форма на фонтани и базени, монтажна бина, партерно шаховско поле, кафуле, како и модерна урбана опрема од клупи, корпи за отпадоци и паркинзи за велосипеди.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира