Нема слободни гробни места на гробиштата во Валандово. Со години валандовачни мака мачат кај да си ги погребаат починатите. Во последно време се закопуваат во карпи и камења оти слободни парцели нема, а узурприрани се дури и патеките во гробишта кои се наогаат на ридот над Валандово. Речиси сите реагираат, бидејки да се изврши погреб на гробиштата во Валандово, велат, е исусова мака, оти прво треба да најдеш слободно место, па да го погребеш починатиот и на крај да смислиш како да стасаш до гробот за помени.
„Гробишта немаме, во камења се закопуваме. Сѐ е узурпирано, секоја педа слободно место е направено гроб. За да стасаме до вечниот дом на покојникот газиме по споменици. Не дај боже некој да почине. Нема кај да се погреба треба во карпи“, вели Маре А., која апелира до општинсктие власти под итно да го решат овој проблем.
„Ќе почнеме да се тепаме за слободни гробни места оти нема кај да ги погребуваме. Не дај боже да си исчистиш, ослободиш и направиш свое гробно место горе во спилите, може преку ноќ да ти го земат други. Не може да се чека со починатите. Градоначалникот нека се подразмисли за овој проблем. Тој е од Пирава и очигледно не го засега овој проблем“, вели Стојанка М. од Валандово.
„Ние сме доселеници од струмичко Костурино и овде живееме веќе 40 години. Нема простор каде да ги закопаме нашите најблики, па мора да ги носиме во гробиштата во Костурино од каде сме дојдени“, вели Трајко Н.
Гробиштата во Валандово се наоѓаат на стрмниот рид веднаш до градот. Со нив никој не стопанисува, ниту пак се грижи некоја локална институција. Кој како има починат, сам се снаоѓа. Подига потпорен зид, носи земја, копа дупка во карпи и камења за да го изврши погребот. Згора на сѐ, мора да бетонира и мини скалички за да се стаса до гробното место.
„Сами се грижиме, сами си ги чистеме гробиштата. Секој поединечно. Од комуналното доагаат само да го соберат ѓубрето кое го носиме во контејнерите во црквата. Ги чистат за време на празникот Задушница. Тоа е срамно“, вели една валандовчанка која е револтирана на општинските власти, кои со децении не наоѓаат решение за пренатрупаните градски гробиштата.
Со години реагираат и свештените лица од црвката „Св. Димитрија“ во Валандово, која е во кругот на гробиштата. Свештеникот Мишо Тодоров настојува дека оваа ситуација не се издржува. Верниците остро ја критикувале Црквата што нема ниту слободно место, ниту пак патека по која треба да се носи починатиот. Реагирале и зошто Црквата не се грижела за чистотата и уреденоста на градските гробишта.
„Ние сме први на удар, но гробиштата не се во наша надлежност. Никој не се грижи, а починатите почнаа да ги закопуваат во гроб од половина метар оти нема место. Како епархија, интервениравме до Општината и комуналното, но нема на повидок решение. Може да се случи свлечишта на гробовите, оти секој на своја рака подигра потпорни зидови. Мегутоа, не сме во можност да го решиме овој проблем кој не е во наша надлежност“, вели отец Тодоров.
Од Општината се свесни за револтот на валандовчани од недостиг на слободни гробни места во постоечките гробишта. Не му е сеедно и на градоначалникот Николче Чурлиновски, кој го троши својот трет мандат на чело на Валандово, бидејки при погреб на негов близок во градот лично ги чул реакциите од присутните како од погребната поворка така и на самите гробишта.
„Не ми е сеедно кога ги слушам овие реакции, но работиме на овој проблем кој со години не тишти. Најдена е парцела отспротива постоечките на околниот рид, но целиот проблем настана во поврзувањето на новата парцела со сегашните гробишта. Требаше да се гради огромен мост за да се премине долот. Нова парцела, за која испитувањата се завршени, е предвидена во урбанистичкиот план и средства во Буџетот за таа намена оваа година се издвоени. До крајот на годината ќе се распиште тендер за изградба на нови локални гробишта и отварање нови парцели за гробни места, а пристапот до нив нема да биде од постоечките туку ќе имаме ново решение за пристап, од другиот дел на градот до новата парцела“, вели градоначалникот Чурлиновски, и додава дека и лично не е задоволен од одржувањето на хигиената и хаосот со гробните места на постоечките гробишта. „Со одлука на Советот му наложивме на јавното комунално претпријатие да се грижи за постоечките гробишта, но не сум задоволен како го прават тоа. Му наложив на директорот двајца вработени од комуналното постојано да бидат на гробиштата за одржување“, вели градоначалникот Чурлиновски.