Писателот Киро Донев, кој пред неколку години од Скопје се врати во родното Моноспитово, струмичко, веќе со месеци работи на новата книга „На што се смеат моите соселани“. Станува збор за хумористична книга, во која за првпат јавно ќе проговори за казната затвор од три месеци што ја добил на почетокот од својата писателска кариера.
За САКАМДАКАЖАМ.МК , тој се потсети на настанот од 1967 година, кога од штипскиот суд е осуден на затвор, бидејќи една жена се препознала во ликот на Цанда, селската распуштеница од расказот „Жените од Моноблат“, кој бил награден од „Студентски збор“.
„На почетокот на моето творештво, како студент добив награда за расказ во кој опсервирав лик на една селска слободна жена распуштеница. Четири жени тогаш се препознаа во ликот на Цанда. Две ме тужеа, од кои едната беше најупорна. Расказот се викаше ’Жените од Моноблат’ и сите помислија дека расказот го базирам на вистински лик, што не беше точно. Но, штипскиот суд не мислеше така, ме осуди на три месеци затвор поради навреда на таа и таа жена. Цанда од мојот расказ имаше седум деца и сите беа од различни мажи, а таа што ме тужеше имаше пет и две абортирала, но на суд донесе сведоци дека децата спиеле со неа.
Мојот професор Димитар Митрев се изненади и не можеше да се помири, бидејќи еден Горки не бил осуден за своите пишувања, а камоли јас“, вели Донев и додава дека не ја обжалил одлуката на судот.
Но, тогашниот правобранител и писател Јордан Левов напишал жалба во име на Донев, по што повторно излегле на суд и судијата побарал да се помират жената што тужи и писателот Донев како обвинет. Ама, жената побарала оштета од тогашни 50 илјади динари, бидејќи сведоците ја чинеле 30 илјади, на што Донев не се согласил. Предметот бил ставен во фиока, а Донев не одлежал затвор.
Жената што го тужела била од струмичко Моноспитово, тужба била покрената и од селанка од велешко Извор, а во ликот на Цанда се препознале и жени од Никичевско, Србија.
„Речиси сите медиуми пишуваа за мојот случај, не само југословенските ‘Вечерње новсти’ и ‘Политика’, туку и московска ‘Правда’, француски ‘Фигаро’, софиски ‘24 часа’ и сите се чудеа како може суд да осуди писател за препознавање во лик од литературно дело,“ вели Донев.