По повеќе години се чисти џунглата која го обрасна коритото на реката Драгор во Битола. Најголемиот дел од речното корито е исчистено од бујната вегетација, израснати дрвја и грмушки кои достигнуваа дури до мостовите издигнати на неколку метри над водата.
Јавното претпријатие „Нискоградба“ презеде акција за целосно чистење на речното корито кое минува низ градското подрачје, почнувајќи од Железничкиот до Црн Мост. Денес се отстранува вегетацијата и ѓубрето од реката кај старата битолска чаршија. Онаму каде акцијата е веќе спроведена, порамнето е дното на реката која битолчани вака чиста не ја виделе долго време.
„Кај Ленски Мост во завршна фаза е чистењето на реката Драгор. Од август почнавме со чистење и нема да остане ни еден неисчистен дел во должина од два и пол километри. Досега извадивме 2000 кубици, а во следните десетина дена ќе знаеме уште колку ќе треба да се крене смет. Се беше обраснато со треви и создадени острови каде под влијание на водата се носеше земја и чакал од околните планини“, рече директорот Методија Силјановски.
Во координација на Општина Битола, по склучениот договор од 3 милиони денари до почетокот на октомври ќе се изврши санација на коритото на реката.
Ж. ЗДРАВКОВСКА