ТРКАЧОТ ЈОВАН СТОЈОСКИ ПРИНУДЕН ДА ЗАМИНЕ БЕЗ СВОЈОТ ТРЕНЕР НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО АТЛЕТИКА

    ТРКАЧОТ ЈОВАН СТОЈОСКИ ПРИНУДЕН ДА ЗАМИНЕ БЕЗ СВОЈОТ ТРЕНЕР НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО АТЛЕТИКАСтојоски оваа година беше шести на 400 метри на ЕП за атлетичари до 23 години и повеќе пати го соборуваше рекордот на 200 метри

    Јован Стојоски ќе мора да замине без својот тренер на Светското првенство во атлетика, кое од 29 септември ќе се одржува во Доха, Катар. Атлетската федерација го известила неговиот клуб Охрид дека не може да ги покрие трошоците за учество на тренерот Марина Мишиќ зашто е странска државјанка.

    „Овој став на Атлетската федерација во најмала рака е несериозен и значи крајно игнорантско однесување кон клубот, тренерот и атлетичарот кој остварил најголем успех во македонската атлетика и може сериозно да влијае врз неговите настап и пласман”, сметаат во атлетскиот клуб Охрид.

    Стојоски е голема надеж на македонската атлетика. Потврда за тоа се резултатите што ги оствари во јули годинава на Европското првенство во Шведска за атлетичари до 23 години.

    „Ова е голем успех за Стојоски, атлетскиот клуб Охрид, но и за неговиот тренер Марина Мишиќ, под чие водство и несебичен напор тој и настапи на Европското првенство во Шведска, каде што оствари историски резултат за македонската атлетика, пласирајќи се на шестото место на трката на 400 метри. Оваа година Стојоски во повеќе наврати го рушеше рекордот на Македонија на 200 метри и повеќе од 15 пати оствари резултат од над 1.000 бодови според светската таблица, што досега ниеден македонски атлетичар не го остварил”, велат од охридскиот клуб.

    Мишиќ не може да патува во Доха на трошок на Федерацијата, иако има валиден договор со атлетскиот клуб Охрид.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира