ТУРСКИ ТАЈКУН ИЗГРАДИ МУЗЕЈ ВО РОДНИОТ ЕСКИШЕХИР ЗА ДА ПРИВЛЕКУВА СВЕТСКИ УМЕТНИЦИ

    ТУРСКИ ТАЈКУН ИЗГРАДИ МУЗЕЈ ВО РОДНИОТ ЕСКИШЕХИР ЗА ДА ПРИВЛЕКУВА СВЕТСКИ УМЕТНИЦИОбјектот на Модерниот музеј Одунпазари (ОММ) е дело на јапонскиот архитект Кенго Кума, инспириран од традиционалната структура на околните отомански дрвени куќи, но потсетува и на јапонската архитекура (Фото: ОММ)

    Северозападниот турски град Ескишехир, со популација од 800 илјади жители, го отвори Модерниот музеј Одунпазари (ОММ) воден од поговорката „Ако го изградиш, ќе дојдат“ со цел да привлече туристи и да се најде на светската уметничка мапа. За таа цел, тие го ангажираа светски познатиот јапонски архитект Кенго Кума, кој е познат по тоа што користи природни и одржливи материјали.

    „Сакаме тука да донесеме меѓународна уметност. Сакаме да ги споиме младите локални уметници со светски познати имиња“, вели основачот на музејот, архитектот Ерол Табанка.

    Турскиот градежен тајкун почна со градење на музејот во 2016, но, вели дека уште на почетокот бил загрижен како ќе се постигне дијалог меѓу современа зграда и локалниот контекст на неговиот роден град.

    Музејот ја содржи приватната колекција на Табанка, во која има над 1.000 дела од 1950-те до денес, со акцент на турската уметност (Фото: ОММ)

    Бизнисменот го ангажирал Кума да го дизајнира музејот кој зафаќа површина од 4.500 квадратни метри. Објектот е инспириран од традиционалната структура на околните отомански дрвени куќи, но исто така потсетува и на јапонската архитекура.

    „Се обидовме да го преведеме тој вид на интимност и топлина во современ стил. Овој музеј е атракција во вид на искуство, не во вид на форма и објект“, вели Кума.

    Музејот ја содржи приватната колекција на Табанка, во која има над 1.000 дела од 1950-те до денес, со акцент на турската уметност. Говорејќи за колекцијата, Табанка вели дека на почетокот купувал само тоа што му се допаѓа, со посебен интерес за скулптура. Неговата ќерка Идил Табанка, која е уметнички директор на музејот, вели дека планира да ја прошири колекцијата.

    Музејот се надева дека ќе успее да ја децентрализира уметничката сцена која е главно фокусирана на Истанбул.

    „Најважно за овој музеј е дека е на средината на земјата. Тоа ќе придонесе за зајакнувањето на нови уметници и стилови“, вели уметникот Танер Чејлан.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира