Самозапалувањето на пелетите и техничката неисправност на сондата која ја мери температурата во внатрешноста, се причините за пожарот кој од петокот попладне гори во еден од силосите на велешка прехранбена индустрија „Благој Ѓорев“. Ова го констатирал Инспекторат за животна средина на Општина Велес, по извршениот вонреден инспекциски надзор.
Пожарникарите кои го гаселе пожарот велат дека пелетите биле како лава и создавале пламени јазици кои излегувале надвор од вратата на силосот. Од Пожарната единица на Велес објаснуваат дека пожар во силос бара поинаков пристап од конвенционалните пожари и специфични услови за гаснење..
„Доколку навреме бев известена, ќе помогнев пожарот да не добие ваков размер, ќе се побараше помош и од други институции. Раководството на ‘Благој Ѓорев‘ сака да ја минимизира сериозноста на ситуацијата. Евидентно е дека во случајот има доста пропусти, дел од нив не се во мојата работна обврска и затоа ќе ги информирам другите инспекторати да постапат. Оваа фабрика е постојано контролирана од наша страна. Материјалот во силосот имал потенцијал за самозапалување како резултат на хемиски реакции во внатрешноста на силосот. Може да дојде и до експлозија со катастрофални последици. Во фабриката има складирано хексан, се произведува масло за јадење кое е лесно запаливо и потребно е да се почитуваат мерките за заштита при работа“, изјави инспекторката за животна средина од Општина Велес Билјана Манаскова-Шуркова.
Одговарајќи на новинарско прашање дека наспроти реакциите на јавноста, мерните инструменти на Министерството за животна средина не регистрирале високи вредности, Манаскова-Шуркова вели дека тие се лоцирани во оддалечен дел на градот и загадувањето не се проширило кон локацијата каде е мерното место, во населбата Тунел. Што се однесува на поплаките на граѓаните, дека облакот од чад се јавувал исклучиво во ноќните часови, таа објасни:
„Петокот вечерта веќе бил изнесен дел од пелетите и во силосот имало пазен простор, кој бил исполнет со гасови, поради што жарењето на материјалот е поинтензивно.Така, овие гасови преку отворот на силосот излегуваат надвор, се ширеле во околината, а граѓаните биле вознемирени. Така било и следните денови. Овде нема класичен пожар, туку димење на жариштето кое излегува надвор“, рече Шуркова-Манаскова.
На прашањето дали и каква е состојбата со сондите во друдите силоси, инспекторката кажа дека тоа не е во нејзиниот круг на работа, за што ќе ја известела техничката инспекција. Пелетите биле од лушпи од сончоглед, набавени од Бугарија.
Градоначалникот Аце Коцевски најави дека согласно Законот за животна средина, ќе бидат изречени казнени мерки и кон правното лице и кон одговорното лице.
,,Каков е планот за справување со пожар во силосот и дали воопшто го има?” праша Коцевски.
Фабриката „Благој Ѓорев“ сѐ уште нема Б интегрирана еколошка дозвола, која е во постапка од 2013, но има дозвола за усогласување. Најголема пречка за добивање на дозвола, според Манаскова-Шуркова, се котлите за работа. Во фабриката има три котли, два на мазут, еден на пелети.
П. ПЕЧКОВ