СЕ ЗАПАЛИЈА ПЕЛЕТИ ОД СОНЧОГЛЕД ВО ФАБРИКАТА „БЛАГОЈ ЃОРЕВ“ ВО ВЕЛЕС

    СЕ ЗАПАЛИЈА ПЕЛЕТИ ОД СОНЧОГЛЕД ВО ФАБРИКАТА „БЛАГОЈ ЃОРЕВ“  ВО ВЕЛЕСОд пожарот во фабриката се ширеше густ чад и непријатен мирис низ градот. (Фото: СДК.МК)

    Пелети од сончоглед во петокот се запалиле во велешката фабрика „Благој Ѓорев“, што предизвика ширење на густ чад и непријатен мирис низ градот. Од СВР Велес велат дека околу 14 часот било пријавено дека во кругот на фабриката „Благој Ѓорев“ настанал пожар во еден од силосите во кој имало околу 200 тона сончогледови пелети.

    Од велешката Противпожарна единица објаснуваат дека не станувало збор за класичен оган, туку тлеење, процес кој настанал сам, а во силосите не можело да се влезе и да се изнесат пелетите, туку тоа се работело преку мала врата, што ја отежнува работата.

    „Додека не се отстранат сите пелети, ќе се јавувала пареа, која била резултат на полевањето со вода на потпалените брикети“, велат од Пожарната единица на Велес.

    Велешани на социјалните мрежи бараат одговор за тоа што се случува во градот. Некој од нив се жалеа и на непријатна миризба. Наспроти ова, мерните инструменти на Министерството за животна средина, за овие денови не покажуваат високи вредности на чад и сулфур диоксид во Велес.

    Градоначалникот на Велес Аце Коцевски вели дека Општината не била известена за пожарот во фабриката.

    „Жестоките реакциите на нашите сограѓани на социјалните мрежи се оправдани. Во Велес еколошката свест е многу висока и јас целосно ги разбирам. Загадувачот, во конкретниот случај фабриката за масло ’Благој Ѓорев‘ спротивно од одредбите од интегрираната дозвола не ја извести општината за немилиот настан кој се случи во петокот. Во силосите настанал пожар од пелети од лушпа од сончоглед. Пожарот уште тлее, затоа што не може така брзо да се изгасне“, вели градоначалникот Аце Коцевски.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари