Дури 32 деца кои работат на улица, односно питачат, се евидентирани преку проектот „Психосоцијални и здравствени интервенции за деца од ранливи популации“, што се финансира преку ИПА фондовите за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Грција.
„Имаме идентификувано 239 деца од ранливи категории, од кои 32 се деца кои работат на улица и голем дел од денот го поминуваат на улица. Имаме идентификувано 25 деца кои привремено живеат во Битола на улица, тоа се деца кои доаѓаат со семејствата да препродаваат зеленчук и буквално неколку месеци живеат на улица. Имаме идентификувано 157 деца кои живеат на улицата Караорман 111, во населбата каде нема никакви услови за живот и секојдневно се соочувааат со сиромаштија и немање пристап до многу услуги“, вели д-р Гордана Ристевска-Димитровска, специјалист психијатар од Високата медицинска школа.
Меѓу децата кои работат на улица има од новородени до 18-годишни.
„Колку се помали, толку повеќе се злоупотребени, зашто родителите ги користат да предизвикаат поголемо сочувство кај граѓаните и повеќе пари да добијат“, додава таа.
Во рамките на проектот има Едукативен центар за ран детски развој и мобилни тимови од волонотери, кои работат со деца кои живеат или работат на улица, со деца кои се гетоизирани во ромските населби. Им овозможуваат едукација, психотерапија, психолошко советување, социјални совети, советување за планирање на семејство и контрацепција за поголемите.
„Нема намалување, има тренд на зголемување на неписмена популација во Битола, која не е само млада, туку и возрасна“, вели Ристевска-Димитровска.
Ж. ЗДРАВКОВСКА