Последниот владин предлог за брегзит предвидува воведување царински проверки на границата на Ирска со Северна Ирска, што од Даблин веднаш беше опишано како неприфатливо.
Ирскиот бекстоп го претставува најголемиот проблем на излегувањето на Велика Британија од Европската Унија, која не отстапува од ставот дека мора да има јасна граница меѓу Ирска и Северна Ирска.
„Ако ова е последната понуда, тогаш тука нема договор“, изјави висок функционер од ЕУ.
Ирската министерка за европски прашања Хелен Мекенти вели дека планот нема да биде прифатен од Даблин и изрази сомнеж дека премиерот Борис Џонсон навистина сака да постигне договор.
Џонсон денеска во Брисел ќе го поднесе својот план што треба да биде прифатен во наредните десет дена, порачувајќи ѝ на Европската Унија дека тоа е неговата последна понуда. Неговиот предлог е опишан како „две граници со четиригодишен план“ и Џонсон кажа дека тоа е разумен компромис.
Владата на Џонсон е децидна дека нема да бара ново одложување на брегзит и планира да го спроведе на 31 октомври.