НИТУ ЕДНА ПОЛИЦИСКА СТАНИЦА НЕМА ПОСЕБНА ПРОСТОРИЈА ЗА ЗАДРЖУВАЊЕ НА ДЕЦА

    НИТУ ЕДНА ПОЛИЦИСКА СТАНИЦА НЕМА ПОСЕБНА ПРОСТОРИЈА ЗА ЗАДРЖУВАЊЕ НА ДЕЦАДенеска и утре во Скопје се одржува вториот состанок на мрежата на национални превентивни механизми од Југоисточна Европа во 2019 година на тема „Специфични потреби на децата во местата за задржување: состојби и предизвици“. - Народниот правобранител Иџет Мемети го отвори состанокот (Фото: СДК.МК)

    Ниту една полициска станица нема посебни простории за задржување на децата, различни од просториите за задржување на полнолетни лица, како што е предвидено со Законот за правда на децата. Денеска и утре во Скопје се одржува вториот состанок на мрежата на национални превентивни механизми од Југоисточна Европа во 2019 година на тема „Специфични потреби на децата во местата за задржување: состојби и предизвици“.

    „Досегашното искуство во мониторингот на постапување со децата кои што се задржани покажува дека скоро и воопшто да не се води сметка за нивните специфични потреби. Децата се сместуваат во установи со лоши материјални услови, несоодветна здравствена грижа, ограничен пристап до образование и недостиг од можности за личен прогрес и рзвој на социјални вештини или нивни посебни талени, каде што илузија е да се очекува нивна ресоцијализација. Особено потресни се сведоштвата на децата со трауматски искуства од нехумано и понижувачко постапување, сексуално вознемирување и малтретирање или трудово експлоатирање“, кажа во воведниот говор Народниот правобранител Иџет Мемети.

    Како што беше кажано потоа во презентацијатата, Народниот правобранител констатирал дека во однос на разговорите со деца не се почитуваат законските норми што предвидуваат разговорите да се водат во посебни простории, затоа што од 38 полициски станици, само 7 полициски станици располагаат со такви посебни простории. Задржувањето на деца во полициска станица претставува сериозен проблем, затоа што ниту една полициска станица нема посебни простории за задржување на децата, различни од просториите за задржување на полнолетни лица.

    Со оглед дека нема посебни простории, задржувањето на деца во полициски станици најчесто се врши во службени канцеларии на инспекторите, а во исклучителни ситуации и во просториите за задржување наменети за полнолетни лица. Задржувањата на деца во просек траат по 3-4 часа, а ниту едно задржување на дете во полициска станица не било повеќе од 12 часа.

    Законот за правда на децата пропишува дека разговорите со деца се водат во посебни простории соодветни за разговор со дете, а во присуство на бранител и родител, односно законски застапник на детето. Во однос на задржувањето, Законот за правда на децата предвидува тоа да може да трае најмногу 12 часа и дека тоа треба да биде во простории соодветни за задржување на дете од неговата возраст, различни од просториите за задржување на полнолетни лица.

    Понатаму, во земјава има само еден воспитно поправен дом и само еден затвор за деца. И двете институции се лоцирани во Охрид во ист објект, а таму истовремено има и притворско одделение за полнолетни лица.

    За време на посетата на Народниот правобранител во јули, во воспитно поправниот дом имало 12 деца, а во затворот за деца 10 деца. Народниот правобранител констатирал дека децата се сместни во објект кој не ги задоволува ниту минимум предвидените стандарди за сместување и задржување на деца, целосно е запоставен системот на образование, има несоодветна здравствена заштита, има нефункционален систем на ресоцијализација, како и нестручен и непрофесионален кадар.

    Процесот на ресоцијализација се спроведува само од двајца психолози и Народниот правобранител констатирал дека од вкупно 22 деца, само кај едно дете се забележани позитивни промени, додека кај другите деца процесот на ресоцијализација е делумно успешен или целосно неуспешен.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира