Поранешниот претседател на Државната изборна комисија Александар Чичаковски е избран за судија во Управниот суд во конкуренција на 31 кандидати за 2 судиски места, на денешната седница на Судскиот совет.
За него беше кажано дека покрај богатата биографија што ја имал, пресудно за да го дадат гласот некои членови на Советот за него, било што во жестоките партиски расправии во ДИК, успеал никогаш да не заземе страна.
- ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА НАЈГОЛЕМИОТ СУД ИЛИР СУЛЕЈМАНИ ЕДНОГЛАСНО ИЗГЛАСАН ОД СУДСКИОТ СОВЕТ ЗА ВТОР МАНДАТ
Покрај него, од заедниците беше избрана и Елеонора Ајро, сопруга на специјалниот обвинител Артан Ајро, чиј најпознат предмет што го застапува е „Тврдина-Таргет“.
Елеонора Ајро само што дипломираше на Академијата. При последното рангирање на оценките таа немала доволно бодови за судија во кривичниот или граѓанскиот суд и поради тоа ја ставиле на листата да биде обвинител. Член на Судскиот совет рече дека немало кој да ѝ ги надува оценките, како на други, за да го оствари нејзиниот сон да биде судијка. Таа е третата судијка избрана во Управниот суд од Академијата, иако денешниот избор е по стариот закон, бидејќи по новите закони, сега и за во овој суд кандидатите ќе мора да доаѓаат од Академијата.
Ајро е поранешен стручен соработник во Управниот суд.
С. К. ДЕЛЕВСКА